
Академија за циркуларна економија: Ѓеврек eкономија со Леонора Грчева
На 4 февруари, АРНО го одржа вториот модул на Академијата за циркуларна економија, носејќи нова економска рамка – Ѓеврек Економија. Сесијата, со наслов „Повеќе од циркуларна економија: Вовед во Ѓеврек Економија“, беше предводена од Леонора Грчева од Doughnut Economics Action Lab (DEAL, Велика Британија).Ова беше првпат АРНО (преку Академијата) да го воведе концептот на Ѓеврек Економија, па затоа, покрај 12-те учеснички организации, ја проширивме поканата и до ментори, експерти и соработници на АРНО. Реакцијата беше одлична – 40 учесници активно следеа и учествуваа во дискусиите.
Зошто Ѓеврек Економија? Ѓеврек Економија, популаризирана преку книгата на Кејт Раворт „Doughnut Economics: Seven Ways to Think Like a 21st-Century Economist“ (2017), предлага економски модел кој укажува на потребата од баланс помеѓу човековата благосостојба и планетарните граници. Идејата е јасна: треба да се движиме во „тестестиот“ дел од ѓеврекот – да обезбедиме основни потреби за сите, без да ги надминеме природните граници.
Леонора ги водеше учесниците низ клучните теми:
🔹 Зошто ни требаат нови економски модели – Традиционалните економски теории водат кон прекумерно производство и трошење на ресурси. Циркуларната економија е важен чекор, но не ги решава сите социјални и еколошки неправди.
🔹 Разбирање на планетарните граници – Глобалната економија троши ресурси со алармантна брзина. Во 2025 година, Македонија ќе го достигне својот „Overshoot Day“ на 14 јули, што значи дека ако целиот свет живее како нас, би ни требале речиси две планети Земји. А ако живееме како САД? Дури 4.9 планети.
🔹 Реалноста на циркуларноста – Денес, само 7.2% од материјалите повторно се вклучуваат во економијата. Останатите се фрлаат, губат или се заклучени во долготрајна инфраструктура, зголемувајќи го притисокот врз природните ресурси. Рециклирањето не е доволно – мора да го забавиме производството и да го преиспитаме начинот на консумирање.
🔹 Ѓеврек Економија во пракса – Градови, бизниси и локални власти низ целиот свет експериментираат со овој модел, користејќи го како компас за донесување одлуки и креирање стратегии.
Подалеку од циркуларноста: Холистички пристап
Сесијата исто така отвори важни прашања за скриените трошоци во синџирите на снабдување – неетичко искористување на трудот, еколошка деградација и нееднаква дистрибуција на ресурси. Дури и во циркуларните системи, постои ризик од одржување на социјалните неправди доколку не внимаваме на потеклото на материјалите и условите на производство.
„ Многу интересна обука, за прв пат се сретнав со оваа економска рамка. Најмногу впечаток ми остави што овој тип на економска рамка (или модел), доколку правилно се применува може да биде многу продуктивна и практична и може да биде полезна како за бизниси и социјални претпријатија, стартапи, така и за општини, институции и гранки на сите погоре споменати! А во исто време да биде позитивно наклонета кон природата и ресурсите кои секојдневно ги исцрпуваме. Сметам дека во Македонија општо може да биде полезна за сите и треба да работиме и да применуваме нови методи и начини на работа особено организациите, но и општините и институциите. “ изјави Дарко Тошиќ од ЕКВИНОКС СКАУТ Штип -една од организациите која развива бизнис модел во рамки на Академијата.
Поука? Треба да го преиспитаме економскиот успех, да ставиме баланс пред бескрајниот раст и да се осигураме дека никој не останува на маргините. Ѓеврек Економија нуди конкретен пат за поправедна и поодржлива иднина. Вториот модул на Академијата за циркуларна економија отвори клучни дискусии, и со нетрпение очекуваме да видиме како учесниците ќе ги применат овие идеи во својата работа.
„Академија за циркуларна економија“ е активност која се спроведува во рамки на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија. Лидер на проектот е Луѓе во потреба (ПИН), во партнерство со АРНО, Лидери за Едукација, Активизам и Развој (LEAD), и Ековита.