Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија image

Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија

Датум

2024 - 2026

Донатори

Проектот е финансиран од Европската Унија преку Поддршката од ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА Програма за поддршка на граѓанското општество 2022-2023

Партнери

ПИН-Луѓе во потреба (координатор); АРНО, Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) и Ековита.

Клучни зборови

циркуларна економија, млади, Академија за циркуларна економија, активизам, училишта, социјални претпријатија, граѓански организации

Управувањето со отпадот во Северна Македонија е особено загрижувачко, со значителни еколошки и општествени предизвици. Отпадот е втор најголем придонесувач за емисиите на стакленички гасови во земјата. Стапките на рециклирање се многу ниски, само 1%, за разлика од просекот во Европската Унија од 44%. Повеќе од три четвртини од населението не е запознаено со концептот циркуларна економија, а само 15% од бизнисите веруваат дека нивните модели можат да се прилагодат на овој поодржлив пристап.

Транзицијата кон моделот на циркуларна економија е императив не само за намалување на емисиите на стакленички гасови, туку и за усогласување со Зелената агенда на Европската Унија за Западен Балкан, Зелениот договор на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Зајакнатите капацитети и отпорност на граѓанските организации и обучените и ангажирани млади за застапување и спроведување иницијативи за климатска одговорност може да ја поддржат Северна Македонија во реализирањето на потенцијалот за циркуларна економија.

Цели: 

Оваа иницијатива има за цел да ги поттикне граѓанските организации и младите да играат поактивна улога во транзицијата на Северна Македонија кон зелена и одржлива економија, усогласувајќи се со Европскиот зелен договор. Конкретно, акцијата ќе се фокусира на (1) зајакнување на капацитетите и отпорноста на најмалку 35 граѓански организации во областа на циркуларната економија, (2) зголемување на свеста и разбирањето за циркуларната економија и прашањата поврзани со отпадот кај младите, истовремено поддржувајќи ја нивната мобилизација и (3) промовирање на интеграцијата на темите за циркуларна економија во наставната програма на средните стручни училишта.

Пристап: 

Овој проект ќе им овозможи на граѓанските организации средства за ефективно започнување или развивање на иновативни модели на циркуларна економија, вклучително и иницијативи за соработка помеѓу ГО, властите и бизнис заедницата. Проектот, исто така, финансиски ќе поддржи иницијативи за намалување на отпадот, повторна употреба, рециклирање и надградба, поттикнувајќи промена во однесувањето. Со пристапот „учење низ работа“ во младинските центри и средните стручни училишта, на лидерите на младинските центри, младите, наставниците и учениците ќе им биде овозможено градење на капацитетите и опрема за спроведување на иницијативи за циркуларна економија и интеграција на практиките на циркуларна економија во стручното образование.

Од проектот издвојуваме:

Проектот е насочен кон 12 граѓански организации кои делуваат во областа на циркуларна економија, 23 граѓански иницијативи со седиште надвор од Скопје, 8 лидери на младински центри, 160 млади кои ги посетуваат младинските центри, 20 наставници од земјоделски и текстилно-кожарски средни стручни училишта и најмалку 400 ученици од овие училишта.  Овој 30-месечен проект ќе се спроведува во сите осум плански региони во Северна Македонија.