
Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Смисли го кругот“
Дали сте обожавател на печива со скопска адреса? Дали имате идеја како старото, добро печиво со кружен облик – неговото височество „Ѓеврек“, да го направиме помодерно и повкусно? Ако одговоривте да, тогаш ве каниме да бидете дел од гастро предизвик- СМИСЛИ ГО КРУГОТ.
Во рамки на проектот, „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ , АРНО и СУГС „Лазар Танев“ објавуваат натпревар за рецепти за нов ѓеврек. Ги покануваме сите скопјани на возраст од 18 + години да учествуваат и да ги покажат своите кулинарски вештини.
Како да учествувате?
Размислете кои локални намирници и состојки би сакале да ги вкусите со следниот залак на ѓеврек. Бидете креативни и инспирирајте се од локалните вкусови. Погледнете ги правилата, и смислете го кругот.
- Пополнете ја пријавата (Ворд документ) и заедно со фотографии од ѓеврекот пратете ја на info@coolinari.mk, најдоцна до 5-ти декември, 23:59ч.
- Целиосниот повик погледнете го овде (Обрнете внимание на деталите)
Кој може да учествува?
- Натпреварот е отворен за физички лица/граѓани од Скопски плански регион
- Натпреварот е отворен за физички лица со наполнети 18 години
- На натпреварот не можат да учествуваат лица кои се членови на семејствата и/или блиски роднини на вработените во АРНО, и вработените и учениците во СУГС „Лазар Танев“, и индивидуалци кои се дел од националното жири и/или нивни роднини;
Правила на учество
- Ѓеврекот треба да ја задржи својата кружна форма (може да биде пресечен на половина, да има слоеви, да е полнет, покрцкав, помек, варен, печен, но мора да остане во круг!)
- Треба да се тежнее сите намирници да се локални (внимавајте на нивното потекло-целиот фокус е на домашно производство)
- Не е дозволена употреба на месо и месни производи
- Не е дозволена употреба на адитиви
- Пријавата треба да е целосно пополнета (да се наведат сите намирници со вклучен норматив, процедура на изработка, финансиска рамка, да се пратат минимум 2 фотографии и да се даден потврден одговор на сите изјави)
Критериуми
Во првата фаза на натпреварот жирито ќе ги оценува пријавите според:
- Креативност: Степенот на иновативност и креативност во иновирањето на традиционалниот ѓеврек со нови елементи и вкусови.
- Употреба на локални состојки: нагласена употреба на локални состојки, како што се локално брашно, локални семиња, локални намази и други иновативни локални намирници и нивни спој
- Јасност и оригиналност: Јасност и оригиналност на рецептот, вклучувајќи добро структурирани упатства и уникатни карактеристики што прават да се истакнува
- Време за подготовка и процедура: Ефикасност и јасност на процедурата за подготовка на рецептот, вклучувајќи го проценетото време потребно за подготовка и потребните услови или техники
Зошто да учествувате?
Овој натпревар е повеќе од обично кулинарско натпреварување; ова е можност да бидете дел од проект кој има за цел да промовира социјално претприемништво преку локална гастрономија, да ја зајакне заедницата и да го промовира стручното образование за готвачи и пекари. Победникот од финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) од СУГС „Лазар Танев“ како се подготвува рецептот. Освен благородната задача, предвидуваме награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки (2) за учениците. Наградите се во бруто износ и ќе се склучуваат по основ договор на дело.