Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Смисли го кругот“ image

Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Смисли го кругот“

Дали сте обожавател на печива со скопска адреса? Дали имате идеја како старото, добро печиво со кружен облик – неговото височество „Ѓеврек“, да го направиме помодерно и повкусно? Ако одговоривте да, тогаш ве каниме да бидете дел од гастро предизвик- СМИСЛИ ГО КРУГОТ.
Во рамки на проектот, „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ , АРНО и СУГС „Лазар Танев“ објавуваат натпревар за рецепти за нов ѓеврек. Ги покануваме сите скопјани на возраст од 18 + години да учествуваат и да ги покажат своите кулинарски вештини.

Како да учествувате?
Размислете кои локални намирници и состојки би сакале да ги вкусите со следниот залак на ѓеврек. Бидете креативни и инспирирајте се од локалните вкусови. Погледнете ги правилата, и смислете го кругот.

  • Пополнете ја пријавата (Ворд документ) и заедно со фотографии од ѓеврекот пратете ја на info@coolinari.mk, најдоцна до 5-ти декември, 23:59ч.
  • Целиосниот повик погледнете го овде (Обрнете внимание на деталите)

 Кој може да учествува?

  • Натпреварот е отворен за физички лица/граѓани од Скопски плански регион
  • Натпреварот е отворен за физички лица со наполнети 18 години
  • На натпреварот не можат да учествуваат лица кои се членови на семејствата и/или блиски роднини на вработените во АРНО, и вработените и учениците во  СУГС „Лазар Танев“, и индивидуалци кои се дел од националното жири и/или нивни роднини;

Правила на учество  

  • Ѓеврекот треба да ја задржи својата кружна форма (може да биде пресечен на половина, да има слоеви, да е полнет, покрцкав, помек, варен, печен, но мора да остане во круг!)
  • Треба да се тежнее сите намирници да се локални (внимавајте на нивното потекло-целиот фокус е на домашно производство)  
  • Не е дозволена употреба на месо и месни производи
  • Не е дозволена употреба на адитиви
  • Пријавата треба да е целосно пополнета (да се наведат сите намирници со вклучен норматив, процедура на изработка, финансиска рамка, да се пратат минимум 2 фотографии и да се даден потврден одговор на сите изјави)

Критериуми
Во првата фаза на натпреварот жирито ќе ги оценува пријавите според:

  • Креативност: Степенот на иновативност и креативност во иновирањето на традиционалниот ѓеврек со нови елементи и вкусови.
  • Употреба на локални состојки: нагласена употреба на локални состојки, како што се локално брашно, локални семиња, локални намази и други иновативни локални намирници и нивни спој
  • Јасност и оригиналност: Јасност и оригиналност на рецептот, вклучувајќи добро структурирани упатства и уникатни карактеристики што прават да се истакнува
  • Време за подготовка и процедура: Ефикасност и јасност на процедурата за подготовка на рецептот, вклучувајќи го проценетото време потребно за подготовка и потребните услови или техники

Зошто да учествувате?
Овој натпревар е повеќе од обично кулинарско натпреварување; ова е можност да бидете дел од проект кој има за цел да промовира социјално претприемништво преку локална гастрономија, да ја зајакне заедницата и да го промовира стручното образование за готвачи и пекари. Победникот од финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) од СУГС „Лазар Танев“ како се подготвува рецептот. Освен благородната задача, предвидуваме награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки (2) за учениците. Наградите се во бруто износ и ќе се склучуваат по основ договор на дело.

Сподели на социјалните мрежи