Семинар во Парма: вработливост, претприемништво,млади
Во период 13-18 февруари во Парма, Италија во организација на македонската и италјанските национални агенции, се одржа семинарот „Влијанието на младинската работа врз вработливоста и претприемништвото на младите”. На овој семинар во име на АРНО учествуваше Симона Славкова. Семинарот беше со фокус на младинската работа, претприемништвото и вработливоста. Учесниците имаат можност да споделат добри практики за влијанието на младинската работа врз вработливоста на младите и претприемништвото и да придонесат за создавање на дигитална брошура која ќе биде достапна на веб-страницата на Resources of the Youth@Work Partnership. Во рамките на овој семинар се спроведоа 3 студиски посети:
- Casa nel Parco – младински центар кој е посветен на градење соживот и почитување на различните идентитети. La Casa nel Parco ја промовира самоорганизацијата на луѓето преку обезбедување вештини, простори, идеи и ресурси. Впечатокот на Симона за овој центар е воодушевување што тоа е општински простор во кој во моментот има програма за 3Д дизајн и печатење, и истиот за неа претставува инспирација (и желба) да се направи сличен простор и програма и во Македонија.
- Officina Arti Audiovisive – младински центар на општина Парма управуван од млади студенти, насочен кон промоција на аудиовизуелната култура. Од промоција на критички поглед, до продукција на документарни филмови, од мали групни работилници до работилници со ученици и училишта, овој центар шири свест и писменост за јазиците на кинематографијата, документарните филмови, фотографијата и онлајн дистрибуцијата на аудиовизуелни производи на Netflix, YouTube, кината и екраните на паметните телефони. Во рамки на посетата Симона и останатите учесници имаа можност да влезат во улогата на смниматели, продуценти, камермани и да создадат нивни мултимедијални содржини.
- Il Centro Giovani Montanara е младински центар поддржан од општина Парма, и е наменет за адолесценти, млади и возрасни. Во него се сместени седиштето на Radioofficina webradio, студиото Revep, студиото за аудио и музичко снимање, салата за проби Емилијано Фонтана. Тоа е едукативно-агрегациски и рекреативен простор ориентиран кон протагонизам и учество на младите на курсеви за активно граѓанство. За време на студиската посета учесниците учеа да танцуваат урбани африкански танци и слушаа изворни приказни од мигрантите кои го посетуваат центарот.
„Прекрасно беше да се биде дел од овој серминар каде споделувавме и слушавме многу интересни практики, искрени и успешни приказни од учесниците на семинарот, фасилитаторите и гостите-говорници. Одлично е и тоа дека овие практики ќе се најдат и во дигиталната брошура што ќе се изработи и ќе биде достапна за сите и секој ќе има можност да се инспира од овие прекрасни приказни на младински работници. Ги охрабрувам младите од Македонија да аплицираат и учествуваат на вакви повици од Националните агенции.”- изјави Симона Славкова, проектен асистент во АРНО.
Семинарот „Влијанието на младинската работа врз вработливоста и претприемништвото на младите” беше во организација нa Agencia Nazionale per I Giovani, Националната агенција Еразмус+ на Италија и Национална агенција за европски образовни програми и мобилност на С. Македонија, во име на Youth at Work Partnership младинска работа за вработливост и претприемништвото кај младите преку националните Еразмус+ агенции.