АРНО ги одбележа деновите на Еразмус + со кула од шпагети
На 13-ти октомври тимот на АРНО заедно со учениците и професорката Марина Пешовска од средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин” ги одбележа деновите на Еразмус+ организирајќи работилница за дизајнерско размислување. Еразмус деновите се одблежуваат од 13-ти до 15-ти октомври низ цела Европа и се базирани на многу едноставен концепт: во рамки на овие три дена се промовираат европските вредности, придобивките од Е+ патувањата и успесите на Е+ проектите.
Во рамките на работилницата со која АРНО го одблежа 6-тото издание на Е+ деновите, учениците го играа шпагети предизвикот (spaghetti challenge). Целта на овој предизвик е учесниците да ја направат највисоката кула со дадени материјали (20 стапчиња шпагети, едно маршмелоу, 1м конец и самолеплива лента) работејќи во тим и со ограничено време.
Возбудата и натпреварувачкиот дух беа присутни кај сите тимови кои видливо уживаа во осмислувањето како да креираат кула од шпагети, работејќи под силен временски притисок. Имаше прекрасни размислувања и креации, но на крајот само еден тим ја однесе победата и ја имаше највисоката кула. За победничкиот тим следуваше и симболична награда (кутија слатки) која тимот одлучи солидарно да ја подели со другите сооученици.
Оваа вежба е дел од „Прирачник за социјално претприемништво” кој АРНО го изработи во рамките на проектот INN@SE, финансиран преку програмата Еразмус +. Овој предизвик се игра ширум светот и е одлична активност за градење на тим и вовед во основите на дизајнерското размислување.
Покрај предизвикот, тимот на АРНО презентираше дел од тековните проекти, подели садливи картички од проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, и најави дека наскоро ќе биде објавен повикот за новото RISE патешествие за сите оние кои имаат тим и идеја за младинско социјално претпријатие.