Поврзување на академската заедница и социјалното претприемништво
На 19-ти април, АРНО организираше настан на Факултетот за информатика при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје за воспоставување на првата соработка и заедничка активност со Универзитетот. Основан во 2016 година, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје има мисија да поттикне академски раст на студентите, со стекнување на вештини за критичко размислување и претприемачки начин на размислување-вештини кои ќе им овозможат полесно да ја обликуваат својата иднина и полесно да навигираат во светскиот пејсаж кој постојано се менува.
На настанот беше претставен проектот EICEE – екосистем за еко иновации и циркуларна економија во Западен Балкан. Предводена од АРНО, активноста ги обедини академските кругови, професорите и заинтересираните студенти – идни претприемачи да ја истражат поврзаноста помеѓу одржливоста и општественото влијание.
Презентацијата на Антонио Даниловски за проектот EICEE ја истакна мисијата на проектот за револуционизирање на практиките во Западен Балкан преку стратегии за еко-иновации и циркуларна економија. Тој го претстави националното истражување, креирано за потребите на проектот, поврзувајќи ги основните концепти на циркуларната економија со потенцијалите на социјалните претпријатија, дигиталниот пасош на производи, стратегиите на ЕУ и други клучни наоди од проектот.
Марјан Ицоски и Ирина Јаневска од АРНО дадоа теоретски вовед во темата „социјалното претприемништво“, нагласувајќи ја важноста на Design Thinking (дизајнерско размислување) во смислувањето на бизнис модели кои имаат социјален импакт. Презентацијата за „зазеленување“ на социјалната економија и принципите на циркуларната економија (со еден куп примери), дополнително ја збогати дискусијата.
Настанот заврши со презентација на можности за финансирање, вклучително и Натпреварот за зелени идеи кој е отворен до 6-ти мај, повикот EICEE, отворен до 27-ми мај и претстојниот повик од проектот RISE VI, кој ќе биде отворен во септември. Преку поврзувањето на академската заедница со темата на социјалните иновации, средбата на Универзитетот не само што поттикна размена на знаење, туку и побуди желби кај студентите за бизнис моделирање со позитивно влијание врз животната средина и заедниците.