„Патот кон зелената економија не е пропратен со пластични зелени балони. Патот кон зелената економија не е зелено светло за се што светка зелено. Патот кон зелената економија не е лесен, исто колку што и транзицијата не е едноставна. И ние тоа го знаеме, и знаеме колку е тешко да се аплицира со бизнис модел во кој ќе се рефлектираат вредности, бизнис во кој во центарот е човекот и природата, и бизнис кој треба да опстои во еден суров свет кој до сега е учен да експлоатира суровини без да се праша дали некогаш ќе ги снема. И затоа ние сме многу благодарни што и оваа година, чудна, ужасна година, имаме луѓе кои размислуваат за бизнис модели  кои се мали, но се наши, локални и можат да бидат пример и инспирација за сите“ –  изјави Ирина Јаневска од  АРНО.

„ О-круг е здружение за промоција на одржливиот развој и социјалните бизнис модели. Со цел постигнување самостојна одржливост и потврдување на концептот, развиваме циркуларен бизнис модел во кој е предвидено преработка на биоотпад. Конкретно лушпи од портокал, од кои ќе се произведува линија на еко-продукти како природни есенцијални масла и освежувачи на воздух. Ние сме млади луѓе и се радуваме за победата. Се надеваме дека ќе и создадеме работни места посебно за младите од маргинализираните категории“ – Марија Бургиева, победник во категорија зелени концепти .

 „ Со тимот ја развиваме зелената бизнис идеја за „Џагор“- првата библиотека за играчки. Сакаме да понудиме циркуларна алтернатива со можност за изнајмување  на квалитетни играчки, справи и помагала, достапни и за оние со минимални примања. Ќе бидеме лоцирани во Скопје, а ќе работиме на принципот: редуцирај, реупотреби, рециклирај. До нашите услуги и понуди ќе имаат пристап покрај семејствата и различните центри за грижа на деца, резиденции, хостели и сл. Значаен фокус ќе биде посветен и на децата со различни попречености кои кај нас ќе можат да ги пронајдат најсоодветните игри за нивните потреби“- изјави Горјана Боневска, победник во категорија зелени концепти .

„ Особена чест ми е што сум меѓу овогодинешните победници со идејата за под-етикета на мојот бренд „Мини Ирина Тошева“. Благодарна сум и за поддршката од жири комисијата која ми следува, како подобро би се подготвила и претставила на натпреварот во Србија, а која несомнено ќе помогне и на мојот бизнис. Се надевам дека ова ќе биде поттик и за јавноста да размислува повеќе „зелено“, затоа што и најмалите промени во секојдневните навики се голем чекор за нашето општество.“- Ирина Тошева, победник во категорија зелени идеи