Прва онлајн средба и обука – RISE патешествие, лансирано! image

Прва онлајн средба и обука – RISE патешествие, лансирано!

RISE патешествието започна! На 6-ти и 12-ти ноември 2020 година ги одржавме првите настани: онлајн средба и обука на тема „Вовед во социјално претприемништво“. АРНО преку алатките на неформалното образование ги подготви учесниците за следните чекори од патешествието и ги запозна со поимот социјално претприемништво.

На првата средба тимовите ја слушнаа инспиративната приказна на еко-илузионистот Кристиан Шопов, се претставија пред другите тимови и се запознаа со следните чекори. Обуката пак, ги запозна тимовите со тоа што е социјално претприемништво и какви сѐ бизнис модели можат да се развијат. По презентацијата на тоеретскиот дел и на алатките, учесниците добија домашни задачи и насоки како да развијат „ Дрво на проблеми“, бизнис модел канвас и како да пополнат дијагностички алатки за секој старт-ап.

А, еве и што велат учесниците за почетокот и нивните очекувања:
„RISE за нас претставува едно неверојатно искуство и одлична можност да работиме на социјално претприемачки идеи кои ќе имаат позитивен бенефит врз нашата околина. Кога го видовме повикот, знаевме дека е вистинскиот за развој на нашата идеја. После првата работилница, научивме многу за сржта на социјалното претприемништво, како и за каузата која АРНО  како организација ја следи веќе долго време. Особено интересен е моментот што се почнува со brainstorming oколу нашата идеја со основните бизнис алатки, кои се користат во планирање на било каков бизнис. Ова знаење би можеле да го искористиме понатаму при разработка на било каква идеја. RISE програмата ни нуди и можност да ја разработиме идејата со помош на ментоска поддршка од страна на лице кое е обучено за нашата сфера на работа. Одвај чекаме да го запознаеме нашиот ментор и да видиме во која насока ќе се развие нашата идеја за отварање на Zero Waste продавница во Скопје.
Освен тоа, многу се радуваме што запознавме уште 7 други тимови кои имаат неверојатни идеи од кои се инспирираме на секоја сесија. Верувам дека сите ние програмата ја гледаме како можност за врмежување и простор за развој на прекрасни идеи, а помалку место за натпревар. Ми се допаѓа тоа што гледаме како можеме да соработуваме меѓу себе и искрено се надевам дека од целото искуство, освен искрени пријателства, ќе произлезат и заеднички социјални бизниси кои ќе движат позитивни промени и ќе инспирираат сè поголем број луѓе да се приклучат кон позитивната кауза.“  Марија Арсоска од Skopje goes Zero Waste

„Проектот RISE првично ме изненади со тоа што беше отворен за луѓе до 35 години, затоа што обично сличните повици вклучуваат само помлади учесници. Отсекогаш сум посакувала да започнам стабилен сопствен бизнис, но предходните обиди биле неуспешни, немајќи доволно знаење и поддршка. Токму тоа се надевам и чувствувам дека ќе го добијам од менторството на АРНО во развојот на нашата бизнис идеја, затоа што ја познавам досегашната работа и успех на АРНО во покревањето на многу убави бизниси од нула до здрав движечки ентитет. Веќе при првата обука се здобив со нови знаења околу концептите на размислување при планирање и изведба на процесите за нашиот бизнис. Се подготвивме со информациите неопходни за првата етапа на планирање и нестрпливо ги чекам индивидуалните менторски средби со тимот на АРНО за подетално разгледување и насочување на нашата идеја“  Билјана од Law of Love

Одличен старт, браво АРНО! Огромна благодарност за покренатата иницијатива да се собереме млади потенцијални претприемачи со разни идеи. Очекувам дека на ова патешествие заедно со помош на АРНО и менторите, ќе успееме заедно да најдеме идејни решенија и да ја имплементираме нашата идеја во општеството. Со тоа сите заедно да пробаме да придонесеме во решавањето на еден заеднички проблем со кој се соочуваме во нашата држава, а и во соседните држави на Балканот.“ Боби од Law of Love

Настаните се спроведуваат во рамки на проектот RISE (регионален инкубатор за социјални претприемачи) кој ќе им овозможи на 200 млади луѓе од Западен Балкан да развијат идеи за социјално претприемништво и да помогнат во решавањето на проблемите од локалната заедница. Младите претприемачи ќе имаат можност да учат, растат и развиваат свои бизнис идеи преку работилници, програми за мобилност и финансиска поддршка, во исто време помагајќи им на локалните заедници да ги решаваат проблемите. 

За RISE Journey можете да дознаете повеќе на следниов линк, а не заборавајте да нѐ’ следите и на нашите социјални мрежи.
До скоро со нови АРНИ вести!

Наши поддржувачи
Rockefeller European commission UNFPA UNDP Social Impact Award Erasmus RYCO French Developement Agency Национална Агенција за образовни програми и мобилност МК