Младите учеа за економска демократија: Одржани обуки за ЕСОП image

Младите учеа за економска демократија: Одржани обуки за ЕСОП

Во март, АРНО ги финализираше бесплатните обуки посветени на темата економска демократија и модел на сопственост од страна на вработени – ЕСОП (Employee Stock Ownership Plan). Преку серија од 5 онлајн сесии, над 30 учесници имаа можност да се запознаат со овој иновативен пристап кон економијата кој ги става демократијата, учеството и заедничката одговорност во фокусот.

Ова беше првпат во Македонија да се зборува толку структуирано за ЕСОП, модел кој им овозможува на вработените да станат дел од сопственоста во компаниите каде работат. Обуките ги отворија прашањата за тоа што значи фер економија денес, какви промени бара иднината на трудот и кои се алатките што младите можат да ги користат за да бидат дел од тие промени.

Обуките беа интерактивни, полни со примери, инспиративни предавачи и нови перспективи. Посебен акцент беше ставен на словенечкото искуство со примена на ЕСОП моделот, но и на глобалниот контекст – каде илјадници компании веќе функционираат според принципите на економска демократија.

ЕСОП не е утопија – туку алатка. Модел што може да ја редефинира економската моќ. Наместо вработените да бидат само бројки, тие стануваат ко-креатори на визијата, дел од одлуките и директни учесници во успехот. Затоа интересот кај младите беше огромен, а реакциите – уште поохрабрувачки.

Обуките завршија, но темата останува отворена – за нови дијалози, нови идеи и нови можности. АРНО ќе продолжи да ја истражува и промовира економската демократија и ЕСОП моделот, со фокус на младите и на фер економски практики кои можат да придонесат за поодржлива и поправедна иднина.

Проектот „Обликување на иднината на трудот: младинска демократска работна средина за општествени промени“ е имплементиран од Институтот за економска демократија – Словенија (координатор) и Здружението за социјални иновации „АРНО“ – Северна Македонија. Проектот е финансиран од Програмата Еразмус+ на Европската Унија. Преку овој проект се развиваат различни активности и ресурси за промовирање на модели на сопственост на вработените, демократско управување и социјални иновации, овозможувајќи им на младите активно да учествуваат во обликувањето на иднината.

Сподели на социјалните мрежи