Започна Академијата за циркуларна економија
На 23 декември, во просториите на Јавна Соба, се одржа првиот модул од Академијата за циркуларна економија, во рамките на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“. Настанот обедини 12 избрани граѓански организации, експерти и ментори, кои преку презентации, дискусии и интерактивни сесии го поставија темелот за идната соработка.
Академијата започна со регистрација на учесниците, запознавање со програмата и целите на проектот, по што следуваше интерактивна сесија за вовед во концептот на циркуларна економија и нејзините 8Р(8R) принципи. Експертот Наташа Данилоска ги презентираше основите на циркуларната економија, нагласувајќи го значењето на транзицијата кон одржливи модели за управување со ресурсите и отпадот.
„Циркуларната економија ја намалува потребата за суровини и го намалува влијанието врз животната средина поврзано со нивна екстракција и преработка. Наместо фрлање на предметите по употреба, циркуларната економија поттикнува поправка, реновирање и нивна повторна употреба. Ова значително го намалува создавањето на отпад и депонии. Кога производите повторно се користат или се обновуваат и поправаат, потребна е помалку енергија во споредба со производството на нови. Ова води до заштеда на енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови. Во циркуларната економија се создаваат нови извори на приходи преку услуги како изнајмување, споделување и повторно производство. Ова ја диверзифицира економијата и ја подобрува нејзината отпорност. “ сподели Даниловска.
Во рамките на овој модул, организациите ги презентираа своите идеи, кои беа основа за нивниот избор во Академијата:
- Еко Логик ја претстави идејата „Буре-cycle“ – велосипедски паркинзи изработени од стари буриња и искористени гуми.
- Зип Институт ја презентираше својата иницијатива за производство на житни цевки од био-отпад.
- ИНОМЛАДИ Куманово ја претставија иницијативата „Од остаток до уникат“ – креативна употреба на отпад од локални бизниси во Куманово
- Билкилаф ги претстави своите активности за производство на ѓубриво од чај, изработено од органски отпад.
- Здружение ИНОС – Прилеп ја претстави идејата „Еко-блок за иднината“ – градба со рециклирана пластика.
- SIEC од Скопје ја презентираше иницијативата „Fashion Passion Hub“ – одржлива мода од текстилен отпад.
- АГРО ЛИДЕР Кривогаштани ги претстави своите ЕКО-моливи и боички од отпадна хартија.
- ЦЕПРОСАРД – Скопје ја презентираше својата онлајн продавница за циркуларни производи и рециклирана амбалажа.
- Центар за одржливи иницијативи Скопје ја претстави својата идеја за креативна употреба на дрвен отпад.
- ИНОВА ЛАБ Битола ја презентираше иницијативата „Рециклирање со стил“ – одржлива мода за сите.
- ЕКВИНОКС СКАУТ Штип ја претстави својата идеја „Compost360“.
- Пинк Суппорт Ранковце ја презентираше иницијативата „Рурална заедница за сите“.
Секоја идеја беше разгледана низ призмата на 8Р принципите, при што се дискутираа можностите и предизвиците што ги носат овие концепти.
Поради сложеноста на процесите, потребата од репро-материјали, сложените синџири за набавка, зелената димензија на работењето која ја зголемува крајната цена на услугите и производите, и пласманот на пазарот, на првиот модул АРНО обезбеди простор за дискусија и размена на идеи со мотивирачки карактер. Посебен акцент беше ставен на вмрежувањето и изнаоѓањето можности за соработка со локалните власти.
“Циркуларните економија и циркуларните бизнис модели се нови концепти во нашата држава. Македонската економија има потенцијал да се трансформира во циркуларна, тоа го кажуваат и последните истражувања, но за ова треба заедништво и напорна работа од институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор. Затоа, се обидуваме да вклучиме експерти и ментори од сите засегнати страни со кои заедно ќе учиме и ќе придонесеме за поголема свесност за циркуларните бизниси и нивната вредност за граѓаните и животната средина.” – изјави Марјан Ицоски од АРНО, координатор на проектот.
Со најавата за отворањето на првиот Центар за поправки во Скопје, АРНО го истакна значењето на поправката како превенција на отпадот и намалување на конзумеризмот, но и соработката со општината. Во рамките на Центарот е планирано и катче – концептуална продавница, каде ќе можат да се најдат производите на учесниците кои успешно ќе ја завршат Академијата. Акцентот на сесијата беше ставен на продажбата и партнерствата, кои беа дискутирани од аспект на суровини и од аспект на потенцијални клиенти (собирање на хартија преку основните училишта, компостирање со ученици, урбана опрема за општините од рециклирана пластика и сл.) На крајот од настанот, учесниците иницираа препораки кои ќе им бидат доставени на локалните власти како предлог за потенцијални заеднички активности. Овие препораки вклучуваат идеи за поддршка на иновативни иницијативи, примена на циркуларни принципи и зајакнување на соработката помеѓу граѓанскиот сектор, општините и бизнис заедницата.
Настанот заврши со неформално дружење, коктел и групна фотографија, каде што менторите и експертите имаа можност да се запознаат со тимовите. Академијата за циркуларна економија продолжува со идните модули, во кои организациите ќе ги развиваат своите идеи и капацитети за креирање на одржливи решенија во формат на циркуларни бизниси модели.
Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество и има за цел да поттикне иновации, да ги зајакне капацитетите и да ги мобилизира младите за градење на позелена иднина.