
Ученици денес – одговорни претприемачи утре
Датум
Донатори
Партнери
Клучни зборови
Проектот „Ученици денес- одговорни претприемачи утре“ има за цел да ги надгради постоечките програми за претприемништво во училиштата, промовирајќи ги концептите на филантропија и корпоративна општествена одговорност и учејќи ги младите за новите бизнис модели на социјални претпријатија.
Во рамки на проектот ученици од предметите иновации и претприемништво од трите гимназии од Македонија („Раде Јовчевски Корчагин“-Скопје), Хрватска („Прва Сушачка гимназија“-Ријека) и Литванија („Лиздеикос“-Радвилишкис) преку методот на „учење преку дејствување“ формираат виртуелни ученички компании со оддел за ООП и виртуелни социјални претпријатија, а воедно и мапираат компании кои имаат позитивно влијание во заедниците.
Проектот го координира Здружението за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со училиштата од трите земји и граѓанската организација „Out of the Box“ од Белгија, и истиот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата Еразмус +.
Проектните модули се осмислени од страна на граѓанските организации (АРНО и Out of the box) со експертиза во дизајнирање на програми кои имаат цел да го подобрат теоретското знаење и вештини на учениците и да ги направат идни „одговорни претприемачи“. Учениците и наставниците се целосно вклучени во сите фази на проектот користејќи разни креативни алатки (интернет кампањи, фото-натпревар, настани за собирање средства и сл.). Компаниите од приватниот сектор се исто така мобилизирани во споделувањето приказни од терен и овозможување на учениците пристап до вистинскиот свет на бизнисот.
Од проектот издвојуваме: Во завршната фаза од проектот се одржа СТРЕТ Гала настанот за прибирање на средства преку тивка аукција на фотографии. Посетителите се наддаваа за ученичките фотографии од Скопје, Ријека и Радвилишкис кои беа дел од кампањата „Добрината е насекаде околу нас-треба само да ја препознаеме“. Собраните средства учениците самостојно одлучуваа како ќе ги донираат или реупотребат, применувајќи ги притоа принципите на одржливост и стратешко донирање за кои учеа во претходните фази од проектот.