YouCanBe-обука во Литванија за социјални и зелени претприемачи
Од 03-09 март во Вилнус, Литванија организиравме обука во рамките на проектот YouCanBe на која ги претставивме и тестиравме прирачниците и програмата за идни социјални и зелени претприемачи од Европа. Марјан од АРНО беше дел од обучувачите, додека како учесници од Македонија беа Симона и Кристина од Амброзија (RISE Journey 2 тим), Стефани од Indoor Garden (финалистка на Зелени Идеи) и Мила (учесничка од STRET проектот)-дел од АРНО алумни заедницата на социјални и зелени претприемачи.
На обуката присуствуваа и повеќе од 20 млади од Франција, Хрватска, Литванија, Романија, Шпанија, Украина и Полска кои работеа во меѓународни тимови на развивање на идеи за социјални и зелени претпријатија со глобален импакт. Покрај ова, учесниците имаа можност да учествуваат во работилници за лидерство во претприемништво и меки вештини за социјални претприемачи.
Жири составено од професори од Економскиот факултет од Vilniaus Kolegija (VIKO) и претприемачи од Литванија ги одбра најдобрите три идеи: “Green Builders”, идеја за социјално претпријатие за консултантски услуги кое сака да промовира одржлив начин на работа и живот на вработените во големите корпорации; “Guardians of the Rivers” – идеја за чистење на реките и производство на градежни материјали од пластичниот отпад од реките; и “Handy”– идеја за онлајн платформа за поврзување на граѓаните со мајстори и промоција на професијата во изумирање помеѓу младите. Тимовите добија симболични награди и можност да се вклучат во понатамошните активности на проектот.
Посетивме и неколку интересни социјални претпријатија. Ресторанот “Mano Guru” кој вработува и реинтегира поранешни лица лишени од слобода и “Tasko Istorija” галерија и издавачка куќа за книги, игри и други едукативни материјали за лица со целосно или делумно оштетен вид. Го посетивме и социјалното претпријатие “Pirmas Blynas” , ресторан лоциран во срцето на градот кое вработува лица со физичка и интелектуална попреченост. Покрај организираните посети и самите трагавме по социјални претпријатија низ убавите улици на Вилнус. Се запознавме и со “Labirintas” кои помагаат на деца и млади со потешкотии во учењето, “Socialinis Taxi” компанија за превоз на лица со физичка попреченост и “Eskedar Coffee Bar” кој вработува и обучува жени бегалки од Африка.
Следно на менито од проектот е обуката за идни социјални и зелени претприемачи во Букурешт, Романија која ќе се одржи на крајот на мај.
Проектот „You Can Be“се спроведува од Фондацијата Apprentis d’Auteuil-France (координатор), Vilniaus Kolegija-Литванија, Asociatia Scoala De Valori-Романија, Zaklada Znanje na djelu-Хрватска и Здружение за социјални иновации „АРНО” – С. Македонија. Проектот е финансиран од Еразмус + програмата на Европската Унија.