Учество на настан во Црна Гора-Патот до импакт економија
На 10 декември 2025 година, во Подгорица, Црна Гора, во организација на АДП-ЗИД, се одржа настанот „Патот до импакт економија во Црна Гора“ (Pathfinding Event on Impact Economy in Montenegro) – регионален настан во рамки на проектот “Инвестираме во промени”(Invest for Change (I4C)). Настанот собра претставници на граѓанскиот сектор, јавните институции, финансискиот сектор и европските мрежи од Западен Балкан, со цел зајакнување на екосистемот за импакт инвестирање и поддршка на преминот од социјална и зелена економија кон импакт економија.
Отворањето на настанот беше со силна порака за соработка, со која Санда Ракочевиќ од АДП-ЗИД потсети дека I4C е проект за учење и вежбање како да се управува со импактот. Овој став го потврдија и претставниците од Владата и ЕУ, Билјана Вучетиќ и Валентина Ди Себастиано дополнувајќи го со потребата од надзорот и оценувањето на успешноста, спроведени преку дигитални алатки. Андреја Росандиќ од Импакт Јуроп(Impact Europe) ги идентификуваше предизвиците и објасни дека основна цел на проектот e да го зајакне потенцијалот на партнерите да формираат сопствени импакт фондови.
Партнерите на проектот пак ги презентираа своите стратегии за зајакнување на екосистемот.
Смарт Колектив (Србија): Невеaн Мариновиќ, најави развој на нови финансиски инструменти и фокусирање на системска поддршка и јакнење на капацитетите. Партнерс Албанија(Албанија) иднината ја гледаат во обезбедување кредитирање и позајмици за развој. АРНО (Македонија) го најави предизвикот за создавање на е-каталог за зелени и социјални претпријатија преку проектот “Ништо ново: Циркуларни можности за мобилизација, партиципација, подигање на свеста, социјален импакт и солидарност на младите (Y-COMPASS)” во рамките на БООСТ програмата, координирана од АЛДА а финансирана од Agence Française de Développement. И како втор чекор неопходноста од вклучување на македонската дијаспора..
Во панел дискусиите за финансиските алатки и политики, беше нагласен пристапот на “учење преку грешки”. Мартијан Блум од Импакт Јуроп порача дека “Импакт фонд е како правење палачинки, првата или првите никогаш не се најдобрите“, а Силке Хоракова од Тилиа Импак Вентурес (Tilia Impact Ventures), пионерката на импакт инвестирањето, охрабри дека долготрајниот и непредвидлив пат носи многу придобивки.
Во Подгорица, во име на АРНО,присуствуваа Ирина Јаневска и Андријана Тасевска.
„Како нов член во тимот на АРНО имав шанса прв пат во живо да ги запознаам сите партнери. Овој регионален собир е важен зошто зборуваме за основите на импакт инвестирање во Западен Балкан, и сите се вложуваме во преминот од традиционалната кон социјална и зелена економија, економија со душа, друштвена економија, економија со доверба, одговорна, корисна, солидарна, односно во недостиг на соодветен и општоприфатен превод на македонски -импакт економија. Пред нас е долг пат, но не чекориме сами, ние сме 6 партнери во проектот и имаме одлични водичи- колегите од Импакт Јуроп“ – изјави Андријана.
Настанот се реализираше во рамки на проектот Инвестираме во промени (2025–2030) – пионерска иницијатива финансирана од Европската Унија, насочена кон развој на поповолна средина за социјално претприемништво во Западен Балкан. Проектот го координира Impact Europe, а се спроведува во партнерство со АРНО (Македонија), Partners Albania (Албанија), Smart Kolektiv (Србија), Foundation 787 (Босна и Херцеговина), ADP Zid (Црна Гора) и Innovation Centre Kosovo (Косово).

