Студиска посета во Португалија „Социјална економија 3.0″ image

Студиска посета во Португалија „Социјална економија 3.0″

Во периодот 7-11 ноември во Португалија се одржа студиската посета насловена како „Социјална економија 3.0“. На посетата како претставник од АРНО учествуваше Ирина Јаневска, заедно со колеги од македонските здруженија: Визија Битола, Innova Lab Bitola, Добра Земја – задруга за органска храна од Скопје, Liberal Alternative Institute – LAI од Тетово и Ековита од Неготино. Во рамки на оваа посета учесниците имаа прилика да посетат добри практики, да слушнат нови пристапи, да видат нови примери од социјалната економија.

„Преубава земја и многу топол народ. Имав чувство како да се знаеме од порано-и со учесниците и со обучувачите Сантош и Филипе. Агендата не однесе на различни места, посетивме институција налик ПИОМ (таа го предводи делот со легислатива за социјално претприемништво), посетивме општини со добри практики за млади, посетивме хабови (во еден хаб имаше цела соба со Лего коцки за прототипирање), видовме различни иницијативи за инклузија (преку хип хоп на пример), јадевме храна од одличен кетеринг од социјално претпријатие (послужен многу кул, во целосен еко формат), слушнавме за проекти кои се одлични илустрации што значи социјална иновација во пракса (градот Порто заедно со здружение и универзитет речиси деценија спојува пензионери со студенти и така решава проблем на високи кирии и осаменост). Имаме што да учиме едни од други, мислам дека АРНО веќе си препозна партнери за соработка во иднина“ изјави Ирина од АРНО.
Посетата се случи благодарение на  билатералниот договор за стратешка соработка помеѓу Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија и португалската национална агенција за Еразмус + Млади во акција.

Сподели на социјалните мрежи