Обука за дигитални платформи и алатки за професори одржана во Скопје image

Обука за дигитални платформи и алатки за професори одржана во Скопје

Од 22 до 28 јануари во Скопје, партнерите на проектот STRET TT2 организираа “Обука за дигитални платформи и алатки за професори.” ARNO и Гимназијата “Раде Јовчески Корчагин” беа домаќини на 20 професори и младински работници од Литванија, Романија, Италија и С. Македонија, заинтересирани да научат за дигиталните компетенции, платформи и алатки за модернизација на наставните програми за социјално претприемништво, и училишните политики и пракси за дигиталните компетенции.

Обуката беше предводена од нашиот партнер Scoala de Valori, кој ги претстави европските платформи, SELFIE и Digi.Comp.Edu кои помагаат во проценката на дигиталните компетенции на професорите и учениците ширум Европа. Scoala de Valori сподели искуство како прва организација што ги пилотираше овие платформи во Романија, помагајќи ги партнерите да развијат акциски планови за имплементација на овие платформи во нивните училишта. Покрај тоа, ARNO претстави неколку дигитални алатки и платформи за професори кои предаваат социјално претприемништво за организација на интерактивни и дигитално помогнати часови и воншколски активности како Canva, ChatGPT, Slack, Mentimeter и други. Партнерите вежбаа практична употреба на овие алатки во контекстот на наставните програми и часови за социјално претприемништво и филантропија.

Учесниците исто така посетија неколку социјални претпријатија. Копче, социјално претпријатие на Црвениот Крст на Македонија, кое продава облека од втора рака и донира облека за лица од ранливи категории граѓани; Лице в Лице, улично списание кое е едно од најстарите и најуспешните социјални претпријатија што вработува маргинализирани граѓани како улични продавачи и ги интегрира на пазарот на трудот; и на крајот, Центарот за социјални претпријатија кој заедно со АРНО е еден од најголемите поддржувачи и главни актери во екосистемот на социјалната економија во С. Македонија.

Во следниот период, партнерите ќе започнат со креирање на Водич за Дигитални Алатки за Професори за Социјално Претприемништво, додека професорите ќе учествуваат во job shadowing програма за размена на искуства и пракси за дигитални вештини и алатки.

STRET TT2 е предводен од Гимназијата “Radviliskio Lizdeikos” (координатор) – Литванија; во партнерство со АРНО – С.Македонија; СУГС “Раде Јовчески – Корчагин” – С. Македонија; Институт за вишо средно образование “Marini-Gioia”-Италија; Асоцијација “Школа за вредности” – Романија. Проектот е финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија.

 

Сподели на социјалните мрежи