RISE Форум 2025: Млади, социјално претприемништво и импакт инвестирање image

RISE Форум 2025: Млади, социјално претприемништво и импакт инвестирање

На 6 ноември 2025 година, Europe house Skopje беше домаќин на завршниот настан на регионалната програма RISE (Регионален инкубатор за социјални претпријатија) во С. Македонија. Организиран од Локалната канцеларија на RYCO, со поддршка на АРНО, Форумот обедини претставници од институциите, амбасадори, младински организации, социјални претприемачи и долгорочни партнери кои во изминатите пет години го обликуваа екосистемот на социјално претприемништво во Западен Балкан.

Отворање на Форумот

Форумот започна со обраќање на Владимир Ѓорѓевски, раководител на Локалната канцеларија на RYCO во С. Македонија, по што следуваа говори од г. Фатмир Сабриу, Државен секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади; Н.Е. г. Бен Нупнау, Заменик шеф на Делегацијата на ЕУ; Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција; и Н.Е. г-ѓа Петра Дрекселер, Амбасадор на Германија. Сите тие ја нагласија трансформативната улога на младински водените социјални претпријатија во зајакнувањето на заедниците и потребата од континуирана институционална поддршка.

Неочекувани вести: (Нов) Закон за социјални претпријатија

За време на своето обраќање, г. Сабриу соопшти дека се подготвува (нов) Закон за социјални претпријатија, вест која оддекна на националните медиуми. За АРНО, кој шест последователни години делува како Инкубатор за социјални претпријатија, ова соопштение беше изненадување, со оглед на тоа што не постоеше претходна консултација (од 2023-та г.) со клучните актери од екосистемот. Деновите по настанот, АРНО иницираше низа ад-хок состаноци со партнери за подобро разбирање на намерата и насоките на предложениот закон. Црпејќи од долгогодишното искуство во градење на екосистемот — и со ново знаење во финансирање ориентирано кон импакт — АРНО ја истакна важноста одлуките да се базираат на докази и да се вниманава на усогласеност со современата европска пракса.

Промоција на RISE тимовите и регионалната награда

Покрај разговорите за политиките, Форумот ги прослави конкретните достигнувања на младите социјални претприемачи. Модерирана од Ирина Јаневска, претседателка на АРНО, сесијата ги истакна инспиративните иницијативи како Yes for Less, заедница која промовира одржлив начин на живеење; Inclusive Voices, тим кој ги засилува гласовите на лицата со оштетен вид; и Kombo, креативен колектив кој ги спојува заедниците и одржливоста во скопските маала.

Посебен момент на Форумот беше RISE Алумни награда, доделена на тимот Kombo од Македонија, кој доби 5.000 € за проширување на работата на своето социјално претпријатие и зајакнување на импактот во Западен Балкан. Наградата ја потврди моќта на долгорочната регионална соработка и потенцијалот на RISE алумни тимовите да создаваат позитивни промени.

Вовед во импакт инвестирање во С. Македонија

Клучен момент на Форумот беше сесијата „Светло во темнината: Импакт инвестирање за социјални промени“,  која ја водеше Ирина Јаневска. За прв пат во С. Македонија, импакт инвестирањето беше претставено како практична алатка за општествени промени. Ирина објасни како импакт капиталот ги комбинира финансиските приходи со мерливи општествени и еколошки придобивки, ги претстави глобалните модели кои можат да се адаптираат на локалниот контекст и нагласи дека следната фаза на развојот на екосистемот ќе се потпира на различни финансиски инструменти, наместо на зависност од донатори. Сесијата предизвика голем интерес кај институциите и приватниот сектор, сигнализирајќи  подготвеност за нови пристапи кон финансирање на социјалните иновации.

Панел за соработки и сесија за нови технологии

Панелот „Соработка и застапување за развој“ им даде глас на Добринка Стефанова од ProCredit Bank,  Билјана Стојческа од Младинска Алијанса Крушево и Сашо Станоевски од Агнецијата Инова.  Тие дискутираа за празнините поради намалената поддршка од ЕУ, потребата од стабилни национални рамки, предизвиците за финансирање и можностите за мултисекторски партнерства, потврдувајќи ја идејата дека одржливата социјална економија бара координирани напори и заедничка стратегиска визија.

Форумот заврши со сесијата „ВИ и дигитализацијата: како социјалното претприемништво може да има корист од нив?“, која ја одржа Моника Ризовска Таневска од Women in Tech – С. Македонија, а ја модерираше Дејан Ризински (RYCO). Дискусијата ја истражуваше улогата на технологијата- како социјалните претприемачи можат да го зголемат импактот,  да ја подобрат ефикасноста и да допрат до пошироки заедници.

Следни чекори: Што после RISE? 

Иако програмата RISE официјално заврши, мрежата што ја создаде програмата останува активна. Во изминатите пет години, млади претприемачи, ментори, инкубатори и институции од Западен Балкан изградија заедница која продолжува да разменува знаење, да поддржува нови идеи и да следи заеднички цели. АРНО, македонскиот инкубатор во мрежата, ќе продолжи да го негува овој пристап и да ја промовира програмата.  Преку проектот Invest for Change, АРНО е на пат да изгради посветена алумни заедница и да го иницира првиот национален импакт фонд. Во меѓувреме, преку проектот Y-Compass АРНО развива каталог на производи и услуги од локалните социјални претпријатија, дизајниран да отвори нови пазари и да ја зголеми видливоста.

Сподели на социјалните мрежи