
Регионален Bootcamp за победничките идеи од RISE Journey 3
По завршување на идеациската фаза и во знак на започнување на инкубациската фаза од 13 до 18 март во Тирана, Албанија се одржа RISE Bootcamp. На едно место беа собрани 12-те победнички идеи од регионот кои ќе продолжат да работат на своите идеи во следната фаза. (Almanart и Melody (Албанија), Blatologija и Soko Camp (Србија), Bus on time и Mingling (Босна и Херцеговина), Coffee Mates и Rebel (С. Македонија), Komunumo и Pilates&Chill (Црна Гора), Panacea и Reuse (Косово)).
На овој Bootcamp тимовите имаа можност да се запознаат меѓусебно, да споделат искуства, да се дружат и преку сесиите да работат на своите идеи. За време на тренинг сесиите со локалните инкубатори, тимовите имаа можности да добијат консултации и насоки како да ги подобрат идеите во делови на брендинг и презентација, бизнис моделирање, продажба и маркетинг.
„Овој Bootcamp за мене беше доста едукативен. Она што најмногу ми се допадна е посветеноста на организаторите да ни го пренесат нивното знаење и да ни помогнат во претстојната инкубациска фаза. Имавме одлична дружба со тимовите од регионот и разменивме контакти за понатамошна соработка и меѓусебна поддршка во идеите.” -изјазви Елиф Канзоска од тимот Ребел
Во завршниот дел од настанот тимовите имаа pitching сесија во која во 3 минути ја претставуваа својата идеја пред присутните и тричленото жири составено од Ардита Бонати- RISE конзорциум, Маја Ковачевиќ – проектен координатор RISE и Кејли Робин – заменик директор во Група СОС Пулс. Првото место го освои македонскиот тим Coffee Mates (С. Македонија), кој доби и симболична награда слатки специјалитети од Франција, додека второто место им припадна на српскиот тим Soko Camp (Србија), a третото на црнгорските млади од тимот Komunumo (Црна Гора). Сите тимови добија и симболични награди и од регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
„Ми беше задоволство да учествувам на регионалниот Bootcamp во Тирана. Работните групи и консултантските средби со локалните инкубатори од земјите од Западен Балкан ни дадоа можности да дискутираме за идниот развој на нашите идеи и полека, но сигурно, да работиме на нивно подобрување. Оваа средба со останатите RISE тимови ни даде шанса да изградиме нови пријателства и тоа ќе придонесе за полесно вмрежување и развој на нашите идеи во регионот.”- изјави Никола Вучков од тимот Coffee Mates
Она што следи за RISE тимовите е нивна активна работа на идеите како и мобилност која ќе треба да ја направат во претстојните месеци во некоја од земјите од Западен Балкан како и формумот кој ќе се одржи во Скопје во октомври оваа година.
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД), Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус+.