Се одржа вториот регионален RISE форум во Тирана
По завршувањето на второто RISE патешествие и во светло на започнување на третото, од 6-8 септември 2022 година во Тирана-Албанија се одржа регионалниот форум за социјално претприемништво. На настанот беа присутни најрелевантните актери и чинители на претприемачкиот екосистем од Западен Балкан и Европа: институции од централната и локалната власт од регионот, меѓународни развојни институции, невладини организации, социјални претприемачи, академска заедница, експерти, ментори и секако нашите RISE тимови.
Вториот регионален RISE форум се фокусираше на важноста од развивање механизми за поддршка и законски рамки за поттикнување на социјалното претприемништво како моќен инструмент за социјален и економски развој во регионот.
„Од Тирана се вративме со убави импресии, контакти, идеи за сооработки. Се вративме и со рачно изработени торбички со логото на RISE од RISE -тимче, со неколку органски сапучиња од социјално претпријатие, вкусни мармалади. Нашите RISE тимови (Ана Марија КАМП , Марија Бургиева О-круг и Катерина Yes For Less) одлично се претставија. Јас имав шанса да го дадам воведниот говор пред панелот во кој зборуваа претставници од министерства и донесувачи на одлуки. Со нашиот претставник- г. Енвер Хусејин (заменик министер за труд и социјална политика) разговаравме за иднината на социјалното претприемништво кај нас и се радувам што проектот RISE доби уште еден пријател и поддржувач.”- изјави Ирина Јаневска претседателка на АРНО.
Во рамките на овој форум се одржаа панел дискусии, дебати за развој на социјалното претприемништво како и презентации на RISE тимовите за нивните социјални бизниси со младите од регионот. Тридневниот настан беше поддржан од Федералното Министерство за надворешни работи на Германија.
“Форумот беше одлична прилика за воспоставување на комуникација и соработка со најважните актери во социјалната економија на Западен Балкан. Уште еднаш, форумот ни даде до знаење дека земјите од Западен Балкан се сооочени со слични предизвици и проблеми кои може да се адресираат преку достапните механизми за регионална соработка поддржани од Европската Унија. Младите социјални претприемачи/ки треба да се центарот на оваа соработка. Младите со нивната иновативност и креативност се носители на позитивните промени и новиот, модерен наратив за регионот. Задоволство е да се види како идеите на младите RISErs прераснаа во нешто повеќе и го носат потенцијалот да бидат успешни социјални претпријатија и позитивни приказни во регионот”. – изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО и координатор на RISE проектот
Проектот RISE е започнат во 2019 година и веќе поддржа 92 тима составени од 258 млади луѓе од Западен Балкан во развојот на нивните социјални бизнис идеи. Учесниците присуствуваа на бројни работилници, индивидуални сесии и програма за менторство. Наградени беа 24 тима со финансиски грантови од 2.500 € и со регионална програма за инкубација. RISE проектoт неодамна доби тригодишно продолжување и во наредниот период ќе поддржи најмалку 350 млади луѓе од регионот.
Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).