Првиот состанок од проектот „Пакет алатки за професори 2“ одржан во Литванија
Од 5-ти до 8-ми декември во Литванија се одржа првиот состанок на проектот “Пакет алатки за професори 2” (STRET TT2). Maрјан Ицоски од АРНО учествуваше на состанокот заедно со претставници на проектните партнери СУГС „Раде Јовчески – Корчагин” од С. Македонија, Институт за вишо средно образование „Marini-Gioia” од Италија и Асоцијацијата „Школа за вредности” од Романија. Овој состанок организиран од координаторот на проектот Гимназијата „Radviliskio Lizdeikos” го означи почетокот на второто издание и ги постави рамките и плановите за продуктивна и ефективна работа на проектниот конзорциум во наредните три години.
Проектот е продолжение на долготрајното партнерство помеѓу партнерите од С. Македонија и Литванија, и се потпира на успехот на претходното издание кое за прв пат претстави нови концепти за претприемачко образование во средните школи, базирани на социјалното претприемништво, корпоративната општествена одговорност и филантропијата. Проектот ќе ги продолжи овие добри практики, и преку креирање на рамка за компетенции и водич за дигитални алатки за рефлективнo образование и учење, дополнително ќе ги подобри и процени главните компетенции на професорите за социјалното претприемништво.
“Задоволство е да се види како соработката на партнерите расте и се проширува од 2016 навака. Второто издание на STRET TT проектот ќе постави рамки за компетенции на професорите и ќе инспирира дигитална трансформација во училниците со цел да придонесе кон визијата на ЕУ за формално образование за (социјално) претприемништво засновано на вештини. Социјалното претприемништво како начин на решавање на проблемите во заедницата ќе стане уште попопуларно и попризнато во наредните години. Затоа, драго ни е што сме едни од пионерите во креирање на овој пакет алатки за професори кој ќе постави стандарди во образованието за социјално претприемништво во средните школи и ќе охрабри нови генерации на социјални претприемачи, филантропи и млади лидери во заедниците.” – изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО