
ПРИЈАВИ СЕ за иноватон за идеи за социјални претпријатија– 06 јуни во Скопје
АРНО, во рамките на проектот INN@SE – Младинско учество преку иновативно социјално претприемништво, објавува повик за учество на иноватон за идеи за социјални претпријатија. Настанот ќе се одржи во Скопје на 06 јуни (понеделник) и ќе трае цел ден (да, тоа е целта, што подолго да сме заедно).
Иноватон= хакатон кој ќе користи design thinking методологии и ќе има за цел да генерира идеи за социјални претпријатија. Темата на настанот е заштита на животната средина. Со овој настан, АРНО го одбележува Светскиот ден на животната средина придонесувајќи кон едукацијата и подигањето на претприемачкиот дух на младите луѓе, и поддршката на зелените идеи и социјални претпријатија за заштита на животната средина. Темата на овогодинешниот Светски ден на животната средина е #еднаеПланетаЗемја (#onlyoneEarth).
Иноватонот е наменет за креативци кои се заинтересирани за животната средина и зелените политики, сакаат работа во тим и се отворени за соработка со различни чинители и институции за изнаоѓање на креативни решенија за заштита на животната средина.
Трошоците за храна и пат се целосно покриени од страна на АРНО во склоп на проектот INN@SE.
Што е иноватон за идеи за социјални претпријатија?
Иноватонот е 10 часовен предизвик кој има за цел да собере и поттикне повеќе од 50 креативни и иновативни луѓе да осмислат идеи за социјални претпријатија кои ќе нудат решенија за проблемите со животната средина во нашата држава. Идеите и решенијата може да имаат различна форма (производи, услуги, едукативни програми, мултимедија, софтвер, архитектонски, и технолошки концепти…имагинацијата нема граници) и треба да имаат директен импакт врз решавањето на локалните проблеми со животната средина.
Design Thinking Everywhere!
На иноватонот ќе се тестираат и нови пристапи и интелектуални трудови на Design Thinking методологијата во социјалното претприемништво креирани во рамките на проектите INN@SEE и RISE. Особен акцент ќе се даде на концептот на open-innovation, oдносно соработката со различни професии, чинители од локалната заедница, институции и бизниси кои ќе инспираат out-of-the box thinking и напуштање на комфорната зона.
Што ќе се случува на Иноватонot?
АРНО ќе креира неколку мешани тимови од млади луѓе и претставници на институции и релевантни чинители кои ќе се натпреваруваат меѓу себе. Тимовите ќе работат на развивање на нивните идеи кои на крај на денот ќе ги презентираат пред публиката и стручното жири. Стручното жири ќе ја одбере најдобрата идеја за социјално претпријатије која ќе добие вредна награда од нашите партнери и поддржувачи.
Како се аплицира?
Пријавувањето е отворено до 22 мај, до 23.59. Линкот за аплицирање може да го најдете на: https://forms.gle/YV8szimKu2gnY7r48 Избраните учесници ќе бидат известени на 23 мај, најдоцна до 16.00 часот.
Кој може да аплицира?
Сите кои имаат (или немаат) искуство со ваков вид настани и design thinking, се обучувачи, младински работници, претставници од институции (општини, агенции), вработени во приватен сектор, самовработени, но, секако и невработени и мотивирани лица кои сакаат да најдат решение за локалните проблеми со животната средина преку развивање идеи за социјални претпријатија.
Со учеството на иноватонот, добивате и можност да станете дел од алумни заедницата на АРНО, која секојдневно расте и созрева и нуди дополнителни можности за едукација, развој, врмежување и соработка во регионот и Европа.
Проектот INN@SE – Младинско учество преку иновативно социјално претприемништво, е имплементиран од Педагошки Универзитет Краков – Полска (координатор), Desert Bloom – Јордан, АРТЕР – Италија, АРНО- С. Македонија. Проектот има за цел да го промовира социјално-претприемничко образование за млади преку иновативен пристап базиран на резултати од научни истражувања и меѓу секторска соработка. Проектот е финансиран од Европската Комисија, преку Еразмус + Програмата.