Повик за вклучување во европски проект за социјално претприемништво
АРНО упатува повик до партнери од земјата кои сакаат да се вклучат во фокус групи и процеси кое се имплементират во рамки на проектот „INN@SEE – Младинско учество преку иновативно социјално претприемништво“. Вашето учество и придонес во овој проект ќе биде од суштинско значење за зголемување на капацитетот на локалните актери во развојот и имплементацијата на иновативни услуги за стимулирање и поддршка на креирање услуги со социјално влијание кај младите луѓе низ Европа. Доколку сакате да бидете дел од овој проект, пополнете го следниот формулар до 05.09.2021 (недела, 23:59). Избраните учесници ќе бидат контактирани во понеделник (06.09) со насоки за следни чекори.
Секој претставник треба да ја претставува официјално институцијата која го номинира и да потпише меморандум за соработка со АРНО. За учеството во процесот предвидено е организирање на 7 фокус групи, учество во прототипирање и тестирање на предложена услуга/иницијатива во период од 9 месеци. За учесниците е предвиден симболичен надоместок.
Проектот промовира социјално-претприемничко образование за млади преку иновативен пристап базиран на резултати од научни истражувања и меѓу секторска соработка. Социјалното претприемништво е централен елемент на проектот, а воедно и медиум преку кој се постигнуваат останатите трансферзални цели. Проектот го координира педагошкиот универзитет од Краков – Полска (координатор), додека партнерски организации ,покрај АРНО, се Desert Bloom од Јордан, АРТЕР од Италија.
За потребите на проектот ќе се користи нова метода на „отворени социјални иновации“ и ќе се учествува на локално ниво преку процес на инволвирање во фокус групи. Учеството во проектот е комбинирано на македонски и англиски јазик, при што можно е (доколку дозволи ситуацијата) да се остварат партнерски средби и патувања надвор од земјата. По отворениот повик АРНО ќе избере претставници од секоја засегната страна:
- Државни институции – Државни институции/тела кои се даватели на услуги во областа на младинско претприемништво и/или конкретно работат на темата „социјално претприемништво за млади“, општини, центри на плански региони
- Граѓански организации / Социјални претпријатија
- Младински работници (младински работници, обучувачи), мрежи на млади социјални претприемачи (доколку постојат), организации за социјално претприемништво, меѓународни организации кои работат на локално ниво (на пр. Ашока, Globalshapers, Impact Hub)
- Организации за поддршка на бизнис – Организации за поддршка на бизнисот (инкубатори, акцелератори, консултанти, стопански комори, фондации, здруженија, итн …)
- Образование – Наставници/професори (универзитет, училишта, центри за обука), меѓународни, национални или локални организации кои се занимаваат со образование и обука за млади,
Целите на проектот потекнуваат од 3 целни области: вештини и градење на капацитети, вмрежување и градење на свест за СП. Поконкретно, целите на проектот се:
- Промоција на претприемнички мајндест и претприемнички вештини кај младите луѓе на ниво на ЕУ
- Обезбедување на јасни алатки за идните социјални претприемачи
- Олеснување на пристап на младите до информации поврзани со различни можности за грантови, обуки и менторства, како и алатки на локално и меѓународно ниво
- Промоција и вмрежување на младите социјални претприемачи
- Промоција на европската култура на социјално претприемништво во општеството, рехабилитирајќи го претприемништвото преку социјалното претприемништво, со посебно внимание на концептот и пристапот „од млади за млади “
- Подигнување на свеста кај младите луѓе за предизвиците кои се однесуваат на диверзитетот на заедниците, општеството, животната средина и освестување како социјалното претприемништво може да придонесе во нивно решавање
- Да се промовира видливоста на клучните засегнати страни кои работата во полето на социјалното претприемништво и да се потенцира важноста на социјалните иновации и општествениот импакт.