АРНО е во потрага по aсистент(к)а
А што значи да се биде програмски/а асистент/ка во АРНО? Ок, одиме со набројувања и објаснувања:
1.Колку време предвидува ангажманот, под кои услови? Одвојување на 4 часа за работа секој ден во АРНО со физичко присуство, во рамки на работното време (пробавме и со онлајн – не оди, не бива да си трошиме време и ние и вие, не преговарајте за ова 😊).
Дообјаснување: Канцеларијата на АРНО е во Центар, не е најголема, и секогаш е хаос, ама убав хаос 😊. Понекогаш работиме и во Центарот за поправки во Кисела Вода. А работа значи и настани на кои треба асистенција (насекаде ги правиме и често сме надвор од канцеларија). Лаптоп обезбедуваме ние (не се работи на личен, само на организациски). Кафе, чаеви, млеко (и веганско), понекогаш и нешто благо, имаме.
2. Каква работа? Секаква 😊. Што ќе кажат координаторите, тоа ќе треба да се сработи. На пример: скенирај фактура, архивирај документ, тркни подигни промотивен материјал, залепи налепници, застани на список на учесници, сними видео, тагни ги сите партнери на објавите (ќе има акцент и на работа на комуникации), прати соопштение до медиуми – еве ти листа, оди на патување во Брисел со координаторот/ката и помагај за логистика, оди на настан, раскажи што научи, јави се на учесниците да ги потсетиш за локација, објави на LinkedIn статијата од веб… и слично (и различно).
3. Кој може да се пријави? Секој/а што има време и гоооолема желба да работи во АРНО. Секој/а што во себе носи динамичен дух, екстровертност (препорачливо со профили на социјални мрежи), брзина, креативност, флексибилност (со работно време и можност за патувања).
Многу ни е важно асистентот/ката да сака да продолжи кариера во АРНО, да си го сака третиот сектор, да остане во Македонија. Ако не е очигледно, сакаме личност што ќе остане со нас на долгорочно, со слични вредности (да ги сака луѓето, да нема предрасуди, да не се инати да ја измие чашката од јогурт и да ја стави во жолта ќеса, да сака да помага- service leadership).
Надомест:
- Две недели пробно неплатено (се запознаваме, гледаме дали си се бендисуваме, дали одговара динамиката, атмосферата, дали кажаното/ветеното е вистина – за двете страни, секако).
- Договор за хонорарен ангажман на три месеци на пола работно време, бруто сума 18.000 мкд.
- Продолжување на хонорарен ангажман на договорен број месеци (доколку сме задоволни од работење и вештини, ќе има можности за дополнителни ангажмани, патувања, позиции).
Како да се пријавиш? Прати CV и напиши кратко мотивациско писмо зошто токму ти треба да си новиот/ата асистент/ка во АРНО. Препорачуваме да одговориш најискрено на трите прашања од горе. Доколку имаш слично искуство или вештини кои би направиле да се истакнеш, слободно нагласи. Прати документација на arno.mkd@gmail.com најдоцна до 10-ти ноември. Без јавувања, потпрашувања и врски (алергични сме на тоа).
Зошто да се пријавиш?
- Сигурно не за да пробаш и за „онака“ (Искрено: уморни сме од ова, ве молиме поштедете не ако планот е само да се ѕирне. Подобро пиши ни дека сакаш да видиш што значи работа во здружение, па ќе организираме отворен ден.)
- Очекуваме да се пријавиш затоа што ти се учи, особено за зелено социјално претприемништво; ти се прави добро за себе и за другите (на пример, ние сега сме опседнати со поправки, трифтинг, нови култури на однесување на купувачи, закони за поправки, помош на тимовите од RISE, ESOP модел… ѕиркај на сајт).
- Очекуваме да се пријавиш затоа што не би можел/а да се замислиш да работиш во приватен сектор, државна работа не ти е предизвик, а науката и академската заедница те влечат, ама сакаш и практични интервенции во општеството.
- Ти се останува во Македонија.
- Сакаш сè што си видел/а надвор и е корисно, да дојде и успее и тука (отворени сме и за твои идеи).
- Знаеш дека АРНО прави добро и сакаш и ти да си дел од мала, но амбициозна екипа која чека освежување и асистент/ка кој/а уште од врата ќе рече „Што ќе работиме денес?“.
- За крај, треба и да се пријавиш затоа што сме малку построги, со повисоки стандарди, и нашата (условно кажано) оценка „двојка“ е нечија „петка“. Во превод: колеги што излегле како волонтери и асистенти, во други организации добиле позиции на координатори и уште на интервју биле препознаени со колкаво знаење доаѓаат. (Вистина е, строги сме, принципиелни, чесни и ултра амбициозни).
Епа, си бараме match 😊 Swipe right ако се пронајде. Ако не, никому ништо – само препорачај и препрати на некој што можеби се препознава во описот.