Одржана завршна конференција од прекуграничниот проект image

Одржана завршна конференција од прекуграничниот проект

На 16-ти март, во Европската куќа Крива Паланка, се одржа завршната конференција од прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”. Конференцијата се отвори со воведни обраќања на организаторите, по што партнерите од проектот, заедно со градоначалникот на Крива Паланка- г. Сашко Митовски и г-а Благородна Пешевски од Европската куќа Крива Паланка- домаќинка на настанот, посадија еко-картички со семе од пркос во симболика на понатамошна соработка. На настанот се презентираа успесите од проектот, се зборуваше за двете земји како вистински пријатели со можности да соработуваат и да напредуваат преку развојот на социјалното претприемништво.

На првиот панел се дискутираа моменталните состојби на солидарната економија, европските искуства, законските рамки кои се во најава (Барбара Садовска, претседателка на фондацијата Барка од Полска и тим лидерка на проектот Поддршка на социјалните претпријатија) или функционираат во соседството (Зорана Миловановиќ-Коалиција за развој на солидарна економија и Снежана Милисављевиќ – „Путоказ Крагујевац”). Владината претставничка Нола Исмајлоска Старова (Национален координатор за регионална соработка и европска интеграција) ги презентираше можностите за пласман на заеднички пазари и  економските потенцијали кои ги нуди програмата „Отворен Балкан“.

Во вториот панел учесниците ги слушнаа искуствата и препораките на сегашните и идни социјални претприемачи, учесници на Академијата за социјална економија која се одржа во рамки на проектот. Присутните беа воодушевени од приказните за развој на рурален туризам во Кумановско, косилката која е награда за уредување на зелените површини, дизајнерските чанти кои се добиени од отпаден кожен материјал во чие производство ќе бидат вклучени жени од маргините на општеството, за лицата кои живеат со ментални предизвици и се гледаат како работници интегрирани во социјално претпријатие, за органската козметика, за ранчот кој нуди терапија за лица со аутизам и ќе го стави кривопаланечко на светска мапа за инклузивен туризам, благодарение на набавената опрема преку прекуграничниот проект.

„ Овој проект е плод на деветгодишната соработка помеѓу АРНО и Фондацијата Траг од Србија, во рамки на регионалниот натпревар за зелени идеи. Идејата да аплицираме на првиот повик за прекугранична соработка дојде органски, и сме благодарни на европската донаторска поддршка. Социјалното претприемништво е потребно на нашите граѓани, регионот има слични предизвици, но и јасни патокази каде треба да оди- кон инклузија, кон стабилни пазари, кон Европа. Ова денес не е ниту почеток, ниту крај, само дел од една приказна која треба да ја раскажуваме гласно, за да одекне од двете страни на границата и да инспирира се повеќе социјални и зелени бизниси. Што сме посадиле тоа и ќе никне- нека е тоа знаење, помош и солидарност!“- изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Сите присутни на настанот добија садлива картичка која е промотивен еко-материјал на проектот изработен од македонски зелен бизнис, еко-моливи од српски зелени бизнис и календар со слики и пораки на 12-те македонски и српски социјални претпријатија кои учествуваа во проектот.


Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ се спроведува во партнерство на здруженијата „АРНО” од Северна Македонија, Оптимист од Република Србија и Tраг фондација (координатор) финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020).

Наши поддржувачи
Rockefeller European commission UNFPA UNDP Social Impact Award Erasmus RYCO French Developement Agency Национална Агенција за образовни програми и мобилност МК