Македонски зелен стартап награден на регионалниот натпревар за зелени идеи image

Македонски зелен стартап награден на регионалниот натпревар за зелени идеи

На 28-ми октомври во Белград се одржа церемонијата за прогласување на победници од јубилејното 10-то издание на регионалниот натпревар за зелени бизниси „Balkan Green Ideas“. Вкупно 5 награди беа доделени од страна на меѓународното жири.  Во категоријата ембрионски идеи најдобро рангирана беше идејата на младиот тим „О-Круг“ од нашата земја (производство на ароматизери и есенцијални масла од отпадни кори од портокали) додека другите две награди беа доделени на „NewPen“ од Србија и „Вкусните богатства на Пермети“ од Албанија. Во категоријата на зелени бизниси награди беа доделени на „Палеовраха“ од Грција и „Ботанички проект“ од Косово. Добитниците од првата категорија освоија 5000 долари, додека зелените бизниси добија по 10 000 долари кои ќе им помогнат во имплементацијата на зелените идеи.

„Победата на регионалниот натпревар за зелени идеи за нас значи дека ќе ја обезбедиме потребната опрема за започнување производство. Следните чекори на „О-Круг“ се фокусираат на засновање партнерства со луѓето и бизнисите, промоција на зеленото социјално претпримеништво и обезбедување на работа за маргинилизираните млади. Се надеваме дека нашиот мирис од портокал наскоро ќе ги замени сите штетни освежувачи во домовите, канцелариите, хотелите, автомобилите…“–изјави Марија Бургиева, македонската победничка.

Марија Бургиева (О-круг), регионална победничка

 

Нашата земја се натпреваруваше и со идеја за производство на облека и модни додатоци за миленичиња од отпаден текстил („Мини Ирина Тошева“) и со идеја за отварање на прва библиотека за играчки (Горјана Боневска-„Џагор“) кои беа победнички идеи на националниот натпревар кој традиционално го организира Здружението за социјални иновации „АРНО“. Натпреварот се одржа во два дена и вкупно учествуваа 21 иновативни идеи  од 6-те земји од Западен Балкан и Грција. Поради пандемијата, овогодинешниот натпревар беше организиран во хибриден формат.

Горјана Боневска (Џагор), Ирина Тошева (Мини Ирина Тошева), национални победнички

Веќе една цела деценија натпреварот „Balkan Green Ideas“ го поддржува основањето и развојот на успешни зелени идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Во текот на изминатата декада континуирано се истражува улогата на филантропијата во вклучувањето на локалните заедници за генерирање зелени бизнис идеи кои ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство и пазари засновани на заедницата. Натпреварот е успешна приказна и пример во регионот на Западен Балкан и Грција за поттикнување на заедниците во заедничко работење. Како национален организатор на настанот од 2015-та година, „АРНО“ се гордее на успехот на македонските идеи и освоената поддршка на регионално ниво, која покажува дека речиси секоја година македонските идеи се враќаат дома со награди и дека нашата земја има голем потенцијал за развој на зелената и социјалната економија.


„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој цела деценија поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји. Здружението за социјални иновации „АРНО“, седма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 75 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) ,минатогодишната победничка идеја „Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) и овогодинешната победничка идеја на „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021).

Наши поддржувачи
Rockefeller Erasmus UNFPA UNDP Social Impact Award