Иднината на протеинската исхрана- македонски зелен бизнис награден на регионален натпревар image

Иднината на протеинската исхрана- македонски зелен бизнис награден на регионален натпревар

На 23-ти септември во Солун, Грција се прогласија победниците од  регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“. Во категоријата на зелени бизниси победничка беше македонската идеја „Инсект пилот соба“ на Александар Каравилоски од Прилеп, која освои 10 000 долари. Останати победници во категоријата за  зелени бизнис се: Органела- Градината што може да направи сe’ (Србија) и Спорос -Институт за регенерација (Грција), додека во категоријата ембрионски концепти победници се „Двор за органско рециклирање “(Црна Гора)  и „Истражување за еко решенија (Косово). Секоја година македонски зелена идеја е наградена во конкуренција на 21 учеснички идеи и ова е вкупно 9-та награда, што е доказ дека нашата земја има вистински потенцијал во зеленото социјално претприемништво.

„Нашата идеја има за цел да го искористи огромниот потенцијал на инсектите за бенефитите на глобалната популација и да придонесе за „Протеинскиот предизвик 2040“, задоволувајќи ги  потребите од протеин на начин кој е достапен, здрав и добар за животната средина. Начинот на кој ги храниме животните мора драстично да се смени. Инсектите се иднината на производството на протеин и на синџирот за исхрана. Ние сме среќни што победивме на регионалниот натпревар и наградата дефинитивно ќе ни помогне во побрзо реализирање на нашата идеја.”– изјави Александар Каравилоски (Ве Дог Фуд), македонски победник.

Оваа година нашата земја настапи и со идеја во категоријата на ембрионски концепти- идејата „Пели“ за кревање на свеста за селекција и рециклирање на пелени, која Јана Ангеловска одлично ја претстави пред жирито.

Натпреварот се одржа во два дена и вкупно учествуваа 21 иновативни идеи  од 6-те земји од Западен Балкан и Грција, кои освен на натпреварувачкиот дел учествува и на експертски сесии за подобри преговарачки вештини и убедување. Натпреварот „Зелени идеи од Балканот“ 11 години по ред го поддржува развојот на успешни зелени идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Натпреварот е алатка за кревање свест, едукација и финансиска поддршка на зелените социјални бизниси.

АРНО е национален организатор на настанот од 2015-та година, и како здружение кое работи во областа на социјални иновации потврдува дека зелената и социјалната економија се блиски до македонските граѓани и се области кои имаат голем потенцијал за развој на земјата.


„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој цела деценија поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји. „АРНО“, осма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 85 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) , „Вајс адитив“ зелен бизнис кој произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) , младинското социјално претпријатија „О-круг“ кое започна со производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021) и овогодинешниот зелен бизнис на Ве Дог Фуд кој ќе пилотира Инсект соба за производство на протеин за исхрана на животни.

Наши поддржувачи
Rockefeller European commission UNFPA UNDP Social Impact Award Erasmus RYCO French Developement Agency Национална Агенција за образовни програми и мобилност МК