И Mакедонија се приклучува на најголемото европско истражување за социјални претпријатија
АРНО ги повикува социјалните претпријатија од Македонија да ја пополнат најважната европска анкета за социјално претприемништво „Европски монитор за социјални претпријатија“ која се спроведува во моментов и е достапна на овој линк.
„АРНО се нафати на овој подвиг за да ја имаме и Македонија на мапа и за да имаме податоци кои утре ќе ни кажат каде да се насочиме повеќе, со каков вид на поддршка. Ги повикуваме сите кои биле дел од нашите програми и сите кои сметаат дека се социјално претпријатие, без разлика дали се здружение кои има економски активности, задруга, или пак се занаетчии, индивидуални земјоделци, фирма која го реинвестира профитот… Сите што остварувајќи профит, остваруваат и социјална мисија, или прават работна интеграција (вработуваат лица со помалку можности), да ја пополнат анкетата. Дополнително, сите што ќе одговорат имаат можност да креираат бесплатен јавен профил на платформата Good Market, да додаваат свои објави и да пристапат до услуги и можности за сертификација. “ – изјави Ирина Јаневска од АРНО.
Анкетата е кратка и лесна за одговарање, трае приближно 15 минути. Важно е следново:
– За да одговорите на анкетата мора да внесете мејл на кој ќе ви стигне линк за верификација. Пристап имате само откога ќе го верификувате мејлот.
– За да изберете Северна Македонија мора да кликнете на Јужна Европа.
– Анкетата има вкупно 5 делови, за некои од нив ќе ви требаат (приближни) податоци-колку вработени имате, колкав годишен обрт, во кои сектори работите. На зелените прашалници има дообјаснување на повеќето прашања. Не бидете строги и ограничени во одговорите, дозволени се и повеќе опции, и слободно изберете сродни опции или допишете во делот- друго.
– Има прашања за приход, број на вработени во мината фискална година. Фискална година во Македонија е од 1 јануари до 31-ви декември.
– Откако ќе ги поминете сите пет делови од анкетата изберете- Достави- за успешно пополнување на анкетата.
– За други прашања и помош јавете се на 077 855 832.
„Европскиот монитор за социјални претпријатија“ е најголемата студија за социјалните претпријатија во Европа, која обединува повеќе од 30 земји за да го истакне придонесот што социјалните претпријатија го даваат во европското општество и економија. Ова е четвртото издание на Европскиот монитор за социјални претпријатија. Над 2.000 социјални претприемачи ги споделија своите искуства во последното издание на Европскиот монитор за социјални претпријатија и нивните гласови веќе имаат влијание низ цела Европа кај владите, едукаторите и креаторите на политики. Податоците од студијата ќе бидат прикажани во компаративен европски извештај и во детални национални и тематски извештаи.
„АРНО преку проектот „Инвестираме во промени“ има шанса одблиску да ги следи трендовите на социјалното или импакт претпримеништво. Се повеќе се зборува за инвестиции, кредитни линии, а се помалку за грантови. Ова е одлична вежба да се преброиме кои сме, колку сме и до каде сме во Македонија, за да знаеме што е следно. Ние се вклучивме во овој процес про-боно, од искрена желба ем да добиеме податоци, ем да се појават македонски ентитети на платформата. Помогнете ни да ги поставиме и македонските социјални претпријатија на мапата, со што ќе отвориме пат кон економија во која луѓето и планетата ќе бидат на прво место!“ -пренесуваат од АРНО.
Проектот Инвестираме во промени е пионерска иницијатива финансирана од Европската Унија. Проектот има за цел да развие поповолна средина за социјално претприемништво во Западен Балкан преку подобрување на пристапот до финансии, вклучување на релевантни чинители и инвеститори и унапредување на политиките во оваа област. Проектот го координира Impact Europe, а се спроведува во партнерство со АРНО (Македонија), Partners Albania (Албанија), Смарт Колектив (Србија), Фондација 787 (Босна и Херцеговина). АДП-Зид(Црна Гора) и ИЦК(Косово).

