
EcoScrub меѓу победниците на регионалниот натпревар Зелени идеи 2025
Уште едно инспиративно издание на Balkan Green Ideas (Зелени идеи 2025) заврши, славејќи ја креативноста, иновациите и одржливоста низ регионот. Меѓу годинашните победници се најде и македонската идеја EcoScrub – природна крема направена од употребено кафе, која ја претстави Македонија со иновативен пристап кон повторната употреба на отпад и промоција на зелено претприемништво.
EcoScrub се издвојува не само по својата еко формула, туку и по силната порака дека секојдневниот отпад може да се претвори во вредни и одржливи производи. Оваа бизнис идеја покажува дека малите идеи можат да донесат големи промени кога зад нив стојат страст и визија. Победничкиот тим од Факултетот за технолошки науки го сочинуваат доц. д-р Зимере Саити Муслији, доц. д-р Дрита Абази и вон. проф. д-р Сани Демири, кои со години спроведуваат истражувања во областа на одржливоста и повторната употреба на биоотпадот. Резултатите од нивните научни анализи се објавени во релевантни трудови и послужија како основа за создавање на оваа иновативна идеја.
Кои се победнички идеи во 2025-та? Smart Save – Косово, Botanical Tours in Shkodër Lake National Park – Let’s Zoom into Nature – Црна Гора, Green Bin – Босна и Херцеговина, EcoScrub – природна крема од употребено кафе – С. Македонија, Ride and Stride – Србија, Greening Schools of Montenegro – Montenegrin Schools for a Green Future – Црна Гора.
На регионалниот натпревар оваа година Македонија учествуваше и со идеите „Мирис на сено во сечиј дом“ на здружението „Ума Сто“ и „Медена долина – живееме со природата“ на здружението „Медена Долина“ од Белица.
Сите овие иницијативи ја истакнуваат растечката посветеност на регионот кон иновации, заедништво и одржлив развој. Натпреварот Balkan Green Ideas, кој постои од 2011 година, претставува вистинска платформа за поврзување, поддршка и промоција на зелени претприемачки решенија во Западен Балкан.
„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја земја учествуваат на регионалниот натпревар, а четворица победници добиваат поддршка од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи.
Здружението за социјални иновации „АРНО“, 11-та година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 100 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) ,„Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) , „О-круг“ (2021) циркуларен стартап кој од лушпи од портокал произведува еколошки есенцијални масла и освежувачи, „Инсект пилот соба“ (2022 год.) производство нa протеинска храна за миленици од инсекти, Мирјана Јосифоска која произведува дизајнерски шапки до текстилни остатоци (2023) и Трајче Рушев- иноватор на пренослив шпорет(2025). Во 2025 година, тим од професори доби награда од 5000 долари за развој на природна крема за пилинг направена од употребено кафе.