„Чувари на мудроста“: Ирина Јаневска за улогата на третиот сектор image

„Чувари на мудроста“: Ирина Јаневска за улогата на третиот сектор

Скопје, 11 јуни 2024, – Над 200 млади луѓе присуствуваа на втората конференција „Чувари на мудроста“, организирана од Халкбанк АД Скопје. Настанот претставуваше уникатна можност за размена на знаења и искуства меѓу искусни професионалци и млади студенти и претприемачи.

На конференцијата свои искуства споделија 14 говорници од различни области, меѓу кои беа истакнати имиња како претприемачката Нина Ангеловска, професорот Радмил Поленаковиќ, генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, Петар Ниновски од „Брејнстер“, Искра Гешоска и Јасмина Поповска, професорот Мишко Ралев, архитектот Пако Радовановиќ, академикот Владо Камбовски и професорот на Правниот факултет Бобан Мисоски, како и психотерапевтите Славица Гајдаѕис Кнежевиќ и Катерина Димова.

Особено внимание привлече четвртата панел дискусија, насловена „Храбар граѓански сектор за квалитетни општествени промени“. Неда Малеска Сачмароска од ЦУП и Ирина Јаневска од АРНО ги истакнаа предизвиците и успесите на граѓанскиот сектор преку инспиративни примери и практични совети. Тие посочија дека улогата на граѓанскиот сектор е клучна за општествени промени и дека е потребно неговото поголемо доближување до младите и заедницата.

Ирина им посочи на младите примери кои ѝ се омилени, како жолтата линија во банките, социјалното претпријатие „Дијалог во темнината“ во Виена и „Комшиlook“ – фестивалот организиран од неформална група млади во Железара. Таа нагласи дека и третиот сектор, иако често етикетиран, има значајни успеси и заслуги, и дека е сосема легитимно и пожелно млад човек да биде професионалец со кариера во третиот сектор.

„Настанот беше многу убав и успешен! Јас успешноста ја оценувам според тоа колку луѓе ќе ми пријдат после обраќањето. Денес имав десетина разговори за тоа што го работиме. Еден млад сосед од Хром ми призна дека за првпат размислува за активизам и како старите фабрики можат да станат културни и зелени оази, и дека токму денес го инспирирав – колку прекрасно. Убав формат имаше настанот, не беа досадни панели со завршни говори. Мене ми е чест што разговарав со Неда, вистински ветеран во мојот сектор и инспирација да продолжам со работа. Имаме многу што да менуваме и подобруваме во нашата земја“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Целта на конференцијата „Чувари на мудроста“ е да ги поврзе студентите и младите претприемачи со врвни ментори и професионалци од различни области. Оваа платформа им овозможува директно да слушнат успешни приказни и да стекнат важни лекции од искуствата на луѓе кои, со својот труд и посветеност, ги надминале сите пречки и имаат големи достигнувања во своите кариери.

 

Сподели на социјалните мрежи