АРНО и „Ништо Ново“ беа дел од првиот „Циркулариум“ image

АРНО и „Ништо Ново“ беа дел од првиот „Циркулариум“

На 19 и 20 септември 2026 година, АРНО учествуваше на „Циркулариум“, настан во организација на Скопје Сити мол,  со штанд посветен на нашиот Центар за поправки „Ништо Ново“. Циркулариум“ се одржа за прв пат со амбиција да остане како платформа  за соработка, размена и поврзување на сите што придонесуваат кон одржливоста: поединци, дизајнери, еко-бизниси и брендови, образовни институции, здруженија и организации. На „Циркулариум“, покрај штандот на АРНО и Ништо Ново, учествуваа и други организации и бизниси од областа на циркуларната економија: Loa Naturals- нашите минатогодишни победници на натрпеварот „Зелени идеи“ копи за прв пат ја промовираа кремата за тело направена од употребено кафе, SIEC Macedonia со познатите аксесоари од искористени PVC банери и пренаменет текстил, Ирина Тошева со рачните изработки на жените од КПУ „Идризово“, еко-детергентите на Данче Серафимова, многу продавници за втора рака и.т.н. 

Што понуди штандот на „Ништо Ново“?

Посетителите на нашиот штанд имаа можност да се запознаат со досегашната работа на центарот, да дознаат повеќе за идните планови и најавениот ИПА проект, но и лично да искусат три практични активности:

  1. Првата беше „депилација“ на облека: со депилатор за облека се отстрануваа влакненцата и топчињата од џемперите и блузите, со што тие го враќаа свежиот изглед на облеката. Активноста се покажа особено корисна за посетителите што дојдоа од штандовите со облека од втора рака, бидејќи многумина го носеа џемперчето што штотуку го купиле од другите штандови и дојдоа директно кај нас за да го „освежат” уште истиот ден.
  2. Втората активност беше правење дупче на ремен или појас. Стар ремен на кој му недостига дупка повторно стануваше практичен за носење – не станува збор за нов изглед, туку за тоа предметот повторно да биде употреблив наместо да заврши во отпад. 
  3. Третата активност беше квиз со прашања од областа на циркуларната економија и поправките, за кој учесниците со точни одговори добиваа поклони: сет батерии што се полнат, торбички од „Ништо Ново“, сет штрафцигери и сет конци за шиење. Едно од прашањата – „Што претставува терминот ‘планирано застарување’ (planned obsolescence)?“ – остави особено силен впечаток. Учесниците го знаеја терминот, но не очекуваа дека тоа реално се практикува во таа мера – изразија незадоволство откако дознаа дека одредени производи намерно се прават да траат пократко, за купувачот повторно да го купи истиот производ. Особено постарите генерации ни пренесоа дека во денешното време на конзумеризам, квалитетот и долговечноста на еден производ стануваат реткост, наспроти времето кога апаратите се поправале и се користеле со децении. Целта на оваа активност беше да го подробриме знаењето за циркуларна економија, но и да видиме до каде се граѓаните со знаење на овие теми. 

Практични работилници за стекнување вештини

Пред главниот настан, заинтересираните граѓани имаа можност да се пријават на две специјализирани работилници:

Работилница за поправка на накит (ден 1): Под водство на филигрантката Катарина Дода, посетителите учеа како да ги поправат своите прстени кои со години стоеле заборавени во фиоките. Со трпение и внимателност, дел од учесниците самите ги исправаа прстените на специјален конус. Иако тргнала со скромни очекувања, Катерина била воодушевена од енергијата што ја почувствувала кај присутните. Веќе размислува на кои детали ќе се фокусира на следните работилници.

Работилница за дијагностика и поправка на фенови (ден 2): Мајсторот Момчило им покажа на присутните дека најголем дел од апаратите што завршуваат во отпад имаат едноставни дефекти (најчесто насобрана нечистотија). И покрај тоа што дел од донесените фенови беа непоправливи или неисплатливи за поправка, на крајот од работилницата успешно се поправија 2 фена. 

Впечатоци од терен: 

„Многу од посетителите не знаеа дека рециклирањето е на дното од хиерархијата на управување со отпад, а пред него доаѓаат намалувањето, повторната употреба и поправката. Помладите генерации беа особено љубопитни да дознаат повеќе, а многумина споделија дека купуваат облека од втора рака. Одлично си поминав, но следниот пат нешто што дефинитивно би променила во квизот е да направам поедноставни прашања, тешко одеше да објаснувам за индекс на поправливост и право на поправки како ЕУ политика.“ – Ангела (АРНО) 

„Јас прв пат сум официјално на настан на АРНО. Мене ми беа интересни подготовките, мораше да сфатам како се прават дупчињата на ремените за да им покажам на луѓето. Асистирав и на работилницата за фенови. Најголем впечаток ми остави фактот што феновите намерно се направени со различни механизми за потешко да се отвораат и поправаат, што потврдува какви предизвици носи денешниот конзумеризам. Се на се настанот за мене беше убаво искуство и запознав прекрасни луѓе. “ – Кристијан (АРНО)

„За мене настанот е голем успех. Имаше убава енергија, прекрасни луѓе, и фактот дека се одржа во шопинг центар ни донесе пристап до нова публика, не само нашите кругови на луѓе кои се веќе свесни за конзумеризмот и потребата од поправки. Бев загрижена како ќе ги изведеме нашите работилници надвор од просторот и сите алати кои ни се во Кисела Вода, ама излегоа супер. Нашите инструктори споделија и лични приказни, учесниците беа преслатки. Имаше еден пар дечко и девојка, многу способни, сами ги отворија нивниот фен, фенот на уште една учесничка, и ја мислам дека по дома хоби им е да си поправаат.” – Ирина (АРНО) 

,,Фенот ми е особено драг бидејќи ми беше подарок од мајка ми, но со текот на времето стана само делумно функционален. Презадоволна сум што благодарение на посветеноста на мајсторот повторно доби живот, а целото искуство го направи уште поспецијално позитивната енергија на целата екипа.”  – Зимере (Учесничка на работилницата за дијагностика и поправка на фенови)

„Циркулариум“ уште еднаш ни потврди дека културата на поправање не е нешто од минатото, туку навика што може да се врати, ако има простор, алат и луѓе што ќе ја покажат. Затоа, следниот пат кога нешто ќе се расипе, запрашајте се: Дали може да се поправи? Или, како овој предмет да ми трае подолго? 

Голема благодарност до Скопје Сити Мол за поканата, до Катарина и Момчило за стручноста и до сите граѓани кои застанаа на нашиот штанд. Следете ги социјалните мрежи за наредните активности на „Ништо Ново“! 

Сподели на социјалните мрежи