ноември 23, 2022
АРНО изработи студија за социјални претпријатија, Македонија го доби и првиот регистар!
Нa 22-ри ноевмри во Скопје, во организација на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) се одржа конференција на која се промовираше Основната студија и регистар за социјалните претпријатија во Македонија (повеќе информации подолу), изработена од Марјан Ицоски и Олга Рајчиќ од АРНО. Во рамки на конференцијата, организаторите ја презентираа платформата mladipretpriemaci.mk и ги повикаа десетте добитници на грантови да раскажат за нивните постоечки и идни социјални претпријатија и престојната работа. Бидејќи овој процес е значаен за работата на АРНО и општо, за развојот на социјалното претприемништво кај нас во земјата, ние имаме нешто малку повеќе да ви раскажеме, па предупредуваме на подолга објава:)
- (Транспарентност и вклучување) Дел од вас одблиску ја следат нашата работа затоа што сакаме да споделуваме се што правиме, не само поради транспарентност (која ни треба во секторот), туку и поради инспирација, соработки и можност за вклучување на што е можно повеќе актери. Дел од вас ќе се сетат дека пред неколку месеци бевме прилично вокални (и можеби напорни :)) со процесите на мапирање, организирање на фокус групи, алармирање и повикување на сите да бидат дел од она што го водевме како процес- мапирање на социјалните претпријатија од/за млади. Изминатиот период колегите Марјан Ицоски и Олга Рајчиќ се посветија на правењето на основна студија студија за социјалните претпријатија во Македонија, со посебен фокус на младите. Покрај студијата се изработи и анализа за потребите на социјалните претпријатија, а она што беше главната причина да речеме ДА на колегите од НМСМ за овој предизвик е еден продукт- Регистар за социјални претпријатија. Големо браво за Мац и Оле што неуморно и посветено работеа на ова, големо фала на сите што споделуваа (фала и за медиумите), големо браво на сите што одвоија време да бидат дел од овие процеси, и едно големо АЈДЕ за сите следни што ќе се вклучат.
- (Епа, да ни е честито на сите) Регистарот е продукт, прв од ваков вид во нашата држава, кој има за цел да ги синтетизира основните информации за социјалните претпријатија кои се јавно достапни за пошироката јавност.
- (Јавно достапни податоци, на едно место) Податоците од регистарот се јавно достапни и отворени за користење од граѓаните и сите заинтересирани страни, со цел информирање, но и иницирање нови соработки помеѓу социјалните претпријатија, бизнисите и државните институции. Создавањето регистар од ваков вид ќе овозможи видливост на постоечките социјални претпријатија во кои работат или пак, се предводени од млади луѓе, но воедно ќе служи и како ресурс за понатамошна анализа на капацитетите и потребите на постоечките социјални претпријатија.
- (Ајде да користиме услуги/продукти од социјални претријатија) Во самиот процес на изработка на регистарот, истражувачкиот тим препозна потенцијал за негово користење како алатка која на ентитетите од екосистемот (компании од приватен сектор, општини, институции и др.) може да им послужи за процеси на набавка и со тоа поддршка на (младинските) социјални претпријатија (пр. Купување органски ароматизери, сместување во хотел-заштитно друштво, еко промотивен материјал изработен од зелен бизнис, сувенири изработени од лица со Даунов синдром, набавка на мебел од втора рака и сл.)
- (Проактивност) Регистарот е жив документ, кој ќе биде добар само колку што и ние ќе бидеме добри. Ќе видите има линк, тие што не се мапирани, тие што не беа достапни, тие што во меѓувреме почнале со работа можат да се само-пријават. Благодарност до сите колеги кои водат програми, проекти, иницијативи поврзани со социјални претпријатија (голема благодарност и до регионалните центри за поддршка од проектот Поддршка за социјални претпријатија) за досегашното и идното вклучување. Преку работењето на локално ниво, преку мотивираноста да ги поддржиме и оснажниме социјалните претпријатија ние сите ја оправдуваме нашата работа и постоење.
- (Големата слика) За сите што ги интересира процесот и поголемата слика на веб страницата ја има студијата. Студијата и регистарот се обид да се отсликаат фактичката состојба на социјалните претпријатија и да се дадат одговори на важни прашања поврзани со структурата, работењето и нивните капацитети. Дополнително, тие ги дефинираат младинските социјални претпријатија, го забележуваат нивниот број, вклучувањето на младите и позитивното влијание врз нив. Вкупно, студијата идентификува 57 социјални претпријатија, повеќето од нив лоцирани во Скопје и Скопскиот Регион, кои нудат диверзифицирани производи и услуги на пазарот, од кои како најпопуларни се јавуваат производството на органска храна и органски продукти, едукација за деца и млади, инклузивен и одржлив туризам, социјални услуги за ранливи категории граѓани и управување со отпад. Оваа голема слика треба сите да ја градиме и да придонесуваме со уште нови примери на социјални претпријатија кои со своите производи и услуги прават дпбро за заедниците и/или животната средина