TCP форум во Скопје: АРНО зборуваше за социјалното претприемништво и организираше студиска посета во „Ништо ново“
Од 19 до 22 октомври, Скопје беше домаќин на деветтиот Форум „Кон колаборативна пракса“ (Towards Collaborative Practice/TCP) за социјално претприемништво и Унија на вештини (Union of Skills). Настанот обедини младински работници, едукатори и активисти од регионите на програмата Еразмус+ и од соседните партнерски земји. Форумот го организираше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија, во рамки на иницијативата Youth@Work Partnership, заедно со коорганизаторите — Националната агенција на Полска и SALTO за Источна Европа и Кавказ. Во рамки на Форумот имаше официјални говори, работилници, студиски посети и сесии за поврзување и размена на контакти.
АРНО имаше значајна улога во програмата на Форумот преку две активности.
Воведно обраќање за социјалното претприемништво кај нас:
Ирина Јаневска, основачката на АРНО, се обрати како главен говорник, со порака за импакт-економијата и промените што доаѓаат од локалните заедници. Осврнувајќи се на истражувањето на Европскиот монитор за социјални претпријатија (ESEM) за Северна Македонија, Ирина даде слика за секторот во развој: идентификувани се 53 претпријатија, со медијална возраст од само пет години, каде што животната средина и инклузијата се главни области на делување, а циркуларната економија и младинскиот ангажман се клучни подтеми. Дури 92,5% од овие претпријатија имаат првенствено општествена и еколошка цел.
Сепак, бројките ја покажуваат и ранливоста на секторот. Секторот вработува 362 лица, од кои само 153 се со полно работно време. „Ова сè уште не е сектор. Ова е семе, зародиш.“, рече Ирина. „А семињата не растат без инвестиции — поддршка не само во грантови, туку и вложување во вештини, менторство и партнерства меѓу секторите.“
Токму тука се наметнува потребата од импакт-инвестирање. Според Ирина, грантовите сами по себе не можат да го одржат секторот — потребен е премин од „збогум само грантови“ кон „добредојде импакт-инвестиции“. Таа ја поврза оваа тема и со поширокиот европски контекст, посочувајќи дека социјалната економија во ЕУ вработува 11,5 милиони луѓе, а дека Европската комисија, во рамки на среднорочната проверка на Акцискиот план за социјална економија (Social Economy Action Plan), веќе додели 1,2 милијарди евра во гаранции, со кои се очекува да се мобилизираат 11,7 милијарди евра инвестиции, вклучително и пилотни програми што комбинираат грантови и повратни средства. „Социјалното претприемништво не е хуманитарна дејност“, рече таа. „Тоа е конкурентност. Тоа е отпорност. Тоа е иднината на инклузивниот раст.“
За да покаже како ова изгледа во пракса, Ирина ја сподели приказната за еко-магионичарот Кристијан Шопов, кој претходно настапувал како забавувач, а по победата на натпреварот за зелени бизнис-идеи на АРНО, целосно го преосмислил својот настап околу еко-образование, рециклирање и повторна употреба на материјалите. По големиот интерес и барање од учесниците, Кристијан се појави изненадно во рамки на „Живата библиотека“ на Форумот, каде што лично го сподели своето искуство и социјално-претприемничка приказна.
Студиска посета на Центарот за поправки „Ништо ново“:
Студиските посети во рамки на Форумот им овозможија на учесниците одблизу да се запознаат со локални иницијативи, меѓу кои и Центарот за поправки „Ништо ново“ на АРНО. Посетителите го разгледаа скопскиот центар за поправки и видоа како поправките, повторната употреба и споделувањето поттикнуваат разговори за отпад, креативност и одржливи избори што ги поврзуваат луѓето.
Втората посета ги одведе учесниците во социјалното претпријатие „Countryside Retreat“ на Марија во Ранковце, дом на повеќе од 50 спасени животни и инклузивен простор достапен за сите, во кој грижата за животните и поврзувањето меѓу луѓето одат рака под рака. Во друштво на љубопитните кози и дружељубивите магариња, учесниците се запознаа со тоа како грижата за животните и можностите за луѓето, вклучително и лицата со попреченост, се дел од истата приказна.
„Countryside Retreat“ е здружение на граѓани кое има учествувано во неколку програми за градење капацитети на АРНО и има добиено грантова поддршка од АРНО.
Од паралелните работилници и „Пазарот на вештини“ (Union of Skills Marketplace) до сесиите за лични приказни, Форумот во Скопје понуди конкретен простор за размена на теми од младинската работа и социјалното претприемништво, овозможувајќи им на учесниците да споделат практични алатки, да ги препознаат невидливите бариери и да градат долгорочни прекугранични стратегии.
Голема благодарност до сите организатори што го направија Скопје домаќин на овој прекрасен настан и што обединија толку многу учесници

