Резултатите од проектот GREASE низ Македонија
Во текот на изминатиот месец, тимот на АРНО реализираше серија од пет настани во различни градови низ земјава, на кои беа презентирани резултатите од проектот GREASE. Настаните беа реализирани преку неформална бинго-игра, проследена со дегустација на афричко какао од Africa Closer, со цел на пристапен и интерактивен начин да се доближат темите за социјално претприемништво, рурални жени и зајакнување на заедницата.
Првиот настан се одржа на 28 јануари 2026 година во селото Умин Дол, Куманово, заедно со победничката на Зелени Идеи, Розе Трајковиќ од социјалното претпријатие „Рурал Ума Сто“. На настанот учествуваа претежно наставнички и жени активистки кои активно се залагаат за развој на руралниот туризам. Заедничкото учење за социјални претпријатија и личните приказни на тема „Што значи да се биде храбра рурална жена?“ беше најсилниот впечаток од средбата.
Вториот настан се реализираше на 6 февруари 2026 година кај Извидниците во Штип. Посебен момент беше спонтаното предавање на професорка по природни науки – учесничка на настанот – која зборуваше за моќта на природата и важноста на еко-земјоделството. Помладите учесници ја слушнаа и приказната за патувањето на какаото, споделена од Иван од Africa Closer, како и инспиративниот пример на Дарко, кој беше препознаен како вистински чувар на извидничките вредности и активист за заштита на природата.
Третиот настан беше реализиран на 7 февруари 2026 во коорганизација со Мена од социјалното претпријатие „Медена Долина“, исто така победник на Зелени Идеи, во селото Белица, во близина на Кичево. Големиот одзив, креативните пензионери кои споделија поезија инспирирана од природата и руралниот живот, како и успехот на учениците на Мена со наградената идеја „Меден Пат“, го направија овој настан особено впечатлив. Спонтаната прошетка низ селото по завршувањето овозможи автентично доживување и подлабоко вмрежување со локалната заедница.
Четвртиот и последен настан од серијата се одржа во Крива Паланка на 27 феврурари 2026, во соработка со Мариа Дуда, сопственичка на The Countryside во Ранковце. Настанот обедини млади девојки и момчиња кои преку интерактивниот формат имаа можност да се запознаат со концептот на социјално рурално претприемништво и неговиот потенцијал за локален развој. Посебен впечаток остави личната приказна на една од учесничките, која ја сподели својата пасија за заштита на животните, како и планот за организирање на серија настани и активности со социјална цел на локалитетот Камените Кукли, во близина на Кокино. Овој момент уште еднаш ја потврди важноста на создавање безбеден простор каде младите можат да ги споделат своите идеи и да добијат охрабрување за општествено корисни иницијативи.
Со овие настани, АРНО уште еднаш покажа дека темите за одржлив развој и социјално рурално претприемништво најсилно се пренесуваат преку директна средба, споделување искуства и човечки приказни.

