Светски ден на поправки
За првпат во Македонија, на 18-ти октомври, Светскиот ден на поправки беше одбележан со настан организиран од здружението АРНО, во просториите на идниот „Центар за поправки“ во Кисела Вода. На прес-конференцијата беа најавени два важни повика: еден за мајстори и граѓани со вештини за поправки, и друг за донација на оштетени играчки.
Проектниот координатор од АРНО, Антонио Даниловски, истакна дека акцентот оваа година е ставен на мапирање на мајстори и промоција на солидарност: „Светскиот ден на поправки го одбележуваме под слоганот „Поправки за сите“.АРНО е во потрага по луѓе кои имаат вештини за поправки на разни предмети, освен бела техника, или креативци кои можат да пренаменат стари предмети во нови– како креветчиња за миленици од гуми или лампи од отпад. За да осмислиме активности за центарот, потребни ни се граѓаните и медиумите. Исто така, ги повикуваме сите кои дома имаат оштетени играчки, на пример паднато окце на играчка слонче или скршено тркалце на количка, да ги донираат за поправка.“
Во рамките на одбележувањето, беа одржани и две работилници со ученици од СУГС „Ѓорѓи Димитров“, од паралелките за шумарско-дрвопреработувачка и хортикултурна струка. Под водство на инструктори, учениците поправаа дрвени играчки и изработуваа вазни од тегли, со цел промоција на култура на поправки.
Светскиот ден на поправки, е светска иницијатива која започна пред 15 години и служи како потсетник за важноста на поправките за животната средина и за граѓаните. Ова е првпат Македонија да се приклучи на ова глобално движење, што ја истакнува важноста на локалните иницијативи.
Претседателката на АРНО, Ирина Јаневска, го најави отворањето на „Центарот за поправки“ следната година:„Денес го одбележуваме овој ден симболично, но веќе од следната година, планираме да го отвориме „Центарот за поправки“, каде покрај поправки и работилници, ќе организираме и pop-up настани. Планираме и мала концептуална продавница за производите на зелените и социјалните бизниси што ги поддржувме преку нашите програми. Секој главен град во светот има ваков простор, често и во форма на кафуле за поправки (Repair Café). Ние го видовме концептот пред седум години, преку Еразмус проект во Ријека, и веднаш знаевме дека ова е логичен продолжеток на она што го правиме во делот на зелено социјално претприемништво и циркуларна економија. Убедени сме дека ова е корисно и за животната средина, и за паричниците на граѓаните.“
Градоначалникот Орце Ѓоргиевски, кој даде поддршка на иницијативата, обезбедувајќи простор за идниот Центар, ги повика граѓаните активно да се вклучат во промоцијата на циркуларната економија. „Ми претставува голема чест што Кисела Вода е првата општина која заедно со здружението АРНО за прв пат во Македонија, го одбележува Светскиот ден на поправки. Oва е само почеток на една долгорочна заложба за екологија и солидарност“-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
АРНО веќе ги отвори повиците за мајстори и донации на играчки, а граѓаните кои сакаат да се вклучат, може да го сторат тоа преку нивната веб-страница.
Годинава, Светскиот ден на поправки го слави напорот и трудот на иницијативите за поправки, кои им помагаат на луѓето ширум светот да им дадат втор живот на предметите. Одбележувањето вбројува 1,800 настани во повеќе од 35 земји, вклучувајќи иницијатива за поправки на отворено на „Гранд-плац“ во Брисел, обуки за поправки за бегалци во Уганда, и вебинар со претставници на Европската комисија. Слоганот „Поправки за сите“ го истакнува значењето на поправките за сите граѓани. Според последните податоци од Отворената алијанса за поправки, забележани се 208,491 обиди за поправка на електрични и електронски уреди, одржани 19,986 настани во 31 земја- организирани од 1,158 иницијативи за поправка. Во изминатата година регистрирани се речиси 70,000 обиди за поправка, што значи дека секој месец имало околу 6,000 поправки – речиси 200 поправки секој ден.