YouCanBe: Прирачници за социјални претприемачи
На 13 септември во 17 часот во локалниот кафе бар КОТУР, АРНО одржа настан на кој беа претставени трите прирачници за социјални претприемачи и ментори изработени во рамките на Еразмус+ проектот YOU-CAN-BE.
На настанот присуствуваа повеќе од 40 млади, претставници на невладиниот сектор и идни и сегашни претприемачи.
Во текот на настанот беше споделен пристап до бесплатниот Прирачник за социјални претприемачи, кој има за цел да ги опреми идните социјални претприемачи со сè што им е потребно за да ги претворат идеите во реалност, од корисни информации за работа со тимови, теорија на промени, design thinking, бизнис моделот CANVAS до парични текови и многу други корисни содржини.
Исто така, беше промовиран и Прирачникот со алатки за ментори кој се фокусира кон подобрување на техниките за менторство. Учесниците на настанот осознаа како да ги водат и поддржат идните социјални претприемачи користејќи го овој бесплатен прирачник.
Дополнително, беше промовирана и Програмата за поддршка на социјални претприемачи која како и прирачниците е бесплатна. Програмата е специјално дизајнирана да им помогне на претприемачите да го зголемат своето влијание и да градат одржливи решенија.
Во духот на ПЕТОК 13 на настанот се зборуваше за искуствата, лекциите и (не)среќите на успешни претприемачи: Александра Бела од УРМА, Кристиан Шопов Еко-магионичар и Среќотворец и Магдалена од Лице в лице.
На настанот се искажа искрена желба дека со помош на развиените прирачници социјалните претприемачи и ментори ќе можат полесно да ги реализираат идеите, ќе имаат одржливо работење и раст и ќе можат поефективно да се справат со предизвиците.
Проектот „You Can Be“ се спроведува од Фондацијата Apprentis d’Auteuil-France (координатор), Vilniaus Kolegija-Литванија, Asociatia Scoala De Valori-Романија, Zaklada Znanje na djelu-Хрватска и Здружение за социјални иновации „АРНО” – С. Македонија. Проектот е финансиран од Еразмус + програмата на Европската Унија. Во рамки на овој проект се одржаа многу средби и размени и се создадоа неколку прирачници кои можат да послужат на обучувачи, ментори, професори, на самите социјални претприемачи и колеги кои работат на оваа тема.