Огласи за работа во АРНО image

Огласи за работа во АРНО

Изминатиот период бевме доста посветени на соработки и идеи, добивме неколку нови проекти и сега тимот мора да се шири и преструктурира. Затоа бараме и нови колеги, и имајќи ги предвид трендовите на работна сила, влегуваме со оптимизам и надеж дека ќе најдеме вистински, посветени,  работници, и опција, ако не најдеме, и да вратиме дел од проектите. Да, до толку сме сериозни, и се надеваме ве убедивме (ако веќе не знаевте) дека нашите огласи, секогаш, и за сѐ, се вистински. Ве молиме и да ги споделите со пријатели, познаници, луѓе од трет сектор кои бараат промена на работно место, предизвик, нова смисла на работењето… навистина би ни помогнале во потрагата. Благодариме однапред!


Пред да кажеме какви квалификации и профили на колеги бараме, да кажеме неколку работи за АРНО и за работењето во АРНО, за да не биде после, ама не знаев, не очекував 🙂 

  Во АРНО се работи динамично, се доаѓа на работа со став, како да завршам нешто квалитетно, во брзо време. Не е лабаво, споро…Напротив…во канцеларија се чувствува динамиката од прв чекор, се слушаат телефонски разговори, Зум линкови,, има голема фрекфенција на мејлови, полни календари, состаноци и сл. 

Во АРНО нема да слушнете „Ама тоа не е мој проект, не ме интересира тоа, јас сега немам задачи и толку од мене“ или да видите некој да седи, а некој да е 100 на час (се делегира работата со цел организацијата да оди напред). 

Во АРНО се работи претежно офлајн и во канцеларија. Мал тим сме, си требаме едни на други, сите проекти се испреплетени, си ја сакаме канцеларијата (која е стан во Градски Ѕид уреден како дом) и сакаме со мерак да си доаѓаме на работа и да работиме тимски. Има денови се работи од дома, ретко. 

Нашата работа и проекти често имаат тесни рокови, настани, патувања, обуки и работилници за време на викенди. Доколку имате животен стил кој е компатибилен со ова или ви треба промена, аплицирајте.

Во работењето користиме алатки кои се дефинирани од самата организација, и не можеме да се прилагодуваме на индивидуални желби (пробавме, не оди). Од вработените се очекува да имаат барем основни ИТ вештини и да се спремни да учат нови (календар, Google Drive, SharePoint, Slack и сл). 

Поради природата на работата и поврзаноста на тимовите, во АРНО користиме колективен одмор. Плус слободни денови има (се добиваат со работа за викенди, патувања и сл), а и сме отворени за отстапки, ама неколку пати во гужва месеци не’ имаат оставено на цедило и така дојдовме до оваа пракса. Од друга страна, во Македонија август е најтивок период и тешко дека ќе не убедите дека некој оди на работа за да работи.

Работењето со зелени и социјални бизниси, работењето на иновации само по себе кажува дека цело време има учење, само-надградување. Имаме убави човечки ресурси внатре во АРНО, ама се очекува од секој вработен љубопитност, истражување и став „(сам/а) да научам, за да помогнам на други“.

Преку нашата работа имаме контакт со многу луѓе, а и внатре сме слика и прилика на диверзитет. Треба ли да кажеме дека ни требаат луѓе со слични вредности? Луѓе без предрасуди (по ниту еден основ.. верски, етнички, родов…) кои веруваат во улогата и работата на третиот сектор (и мисијата на АРНО). 

Претпоставуваме дека вие што го читате огласот веќе знаете што работи АРНО,  ама еве, на кратко, организацијата пружа поддршка за развој на зелено/социјално претприемништво, и тоа преку натпревар за зелени идеи (9 години го организираме), инкубација на бизниси (учиме млади во тимови како од идеја да направат бизнис модел), правиме истражувања на овие теми, препораки како да се подобрат работите, држиме Академии на овие теми, работилници, обуки, работиме и со организации и средни училишта од Европа со амбиција да влезат темите во формален курикулум. Цело време се интересираме за добри пракси, нови теории (пр. doughnut economy) , партнерства. Имаме амбиција и за наше социјално претпријатие (Кулинари.мк) и пар други идеи кои мислиме дека нашата држава ги заслужува да ги има (место за поправки, zero waste продавница и сл.)

Во АРНО си ја сакаме работата затоа што веруваме во тоа што го правиме, сметаме дека нашите заедници заслужуваат знаење,иновации, вештини, поддршка, сакаме да патуваме, веруваме дека секое познанство е плус, благодарни сме за се што учиме, а ни е од корист за тековната и идната работа, среќни сме што соработуваме со врвни професионалци и партнери (од сметководство, до дизајнери, до мрежи, контакти и сл.). Ова се на кратко бенефитите кои сакаме да ги споделиме со сите кои се мислат да аплицираат. 

– Во однос на паричниот надоместок, не сме богати и атрактивни како поголеми организации (тоа е најискрено кажано во однос на очекувањата), и за овие огласи колку и да се трудиме да напишеме точни суми, никако не можеме затоа што во зависност од понудата на пазарот на труд ќе правиме реструктура на позициите (со тоа и платите) кои ги имаме предвидено за целиот тим. Да се пожалиме: голем дел од проектите се аплицирани пред инфлацијата, и толку е чергата. Но, да се пофалиме, кој квалитетно работи не излегол нена(д)граден.
– За да не го трошиме нашето и вашето време, ве замолуваме во писмото да ни пишете за вашите очекувања, за вашата ситуација, дали сте заинтересирани за хонорарен ангажман, плата, целосно/пола работно време и очекувања за опсег/спектар (range) на примања (од-до).  Доколку не наведете такви информации, можеби би добиле и повик од нас со прашање (да не се изненадите). Исто така, ве молиме наведете кој би бил можен прв ден на работа (за повеќето позиции е март, но за некои сме флексибилни).


ПРОФИЛИ ЗА КОИ СМЕ ВО ПОТРАГА: 

  1. Еразмус координатор/ка. Знае што се интелектуални оутпути, користи референци кога истражува, разбира финансиско-административно донаторско работење, педантно чува документација, нема проблем да комуницира на англиски, нема проблем да патува, ја разбира сериозноста на менаџирање на големи проектни апликации кои траат до 36 месеци, реагира ако гледа партнерите забушаваат, знае да изменаџира Timesheets, има претходно искуство и (пожелно) контакти со организации од Европа. Можеби одвишок е да се спомене, но од координаторите се очекува да знаат да пишуваат апликации и интелектуални резултати (Intellectual outputs). Висината на хонорарот би била во зависност од искуство, вид на ангажман (пола/цело работно време), колку Е+ проекти ќе се менаџираат и сл. 
  2. ИПА координатор/ка (х2)  Знае да се само-менаџира и да организира цел ИПА проект (има периоди кога има помала и периоди кога има поголема динамика), знае ИПА финансиско-административни правила и има претходно искуство,  знае да изменаџира Timesheets, да подготви (брзо и квалитетно) извештаи, педатно чува документација, има живци за тендерски постапки, ги владее димензиите на ре-грантирање, има упорност да работи со институции, да прави соработки и да размислува на доооолг рок. Можеби одвишок е да се спомене, но од координаторите се очекува да знаат да пишуваат апликации и интелектуални резултати (Intellectual outputs). Висина на плата би била во зависност од искуството.
    *За едната ИПА имаме фиксна плата од бруто сума од 1000 евра и старт на работа март. 
  3. Координатор/ка за работа со претприемачки тимови/бизнис идеи. Сака работа со многу луѓе и тимови, спремен/на е да истражува и се опседнува со нечија друга бизнис идеја за да донесе знаење и поддршка, сака да организира натпревари, знае да комуницира со жири, да организира настани, обуки (офлајн и онлјан), нема проблем да сврти на 10 ментори да ги праша како им оди на тимовите, има поврзаност со приватен сектор, старт-ап светови и сл. Висина на хонорар би била во зависност од искуство, вид на ангажман (пола/цело работно време). 
  4. Волонтер/ка, што ги цени иницијативите на АРНО, има животен стил кој цели накај одржливост, препознава креативност, би сакал/а да се пронајде во задачки со дизајн, комуникации, видливост на проекти, ИТ алатки, учество на настани. Планира да волонтира на период не помал од 6 месеци. Идеално, се гледа себеси во иднина и како работи во трет сектор (и во АРНО:)). Волонтерската позиција предвидува надомест за трошоци од 5500 денари месечно. 
  5. Координатор/ка за програмата „Кулинари“. Ако има некој/а што има искуство во граѓански сектор и е foodie, сака да работи на иницијативи поврзани со храна (производство и продажба на ѓевречиња на фирми, гастро-тури, сувенири од храна) нека аплицира за оваа позиција (имаме проект кој е при крај, но имаме планови за аплицирање).


ПРОЦЕС НА АПЛИЦИРАЊЕ

  • Ги молиме сите заинтересирани да пратат соодветно CV и кратко мотивациско писмо за позицијата за која аплицирааат. Инаку да, можно е да се аплицира за повеќе позиции (нагласете во писмото и потрудете се CV-то да ги отсликува потребните искуства/вештини). 
  • Апликациите се испраќаат на arno.mkd@gmail.com до 04-ти февруари.
  • Доколку го видите огласот и по овој датум, веројатно за некои од позициите потрагата трае. 
  • Кандидатите од потесен круг ќе бидат повикани на тестирање и задолжително интервју.  
  • Избраните колеги ќе имаат платен пробен период (времетраењето дополнително ќе се потврди). 
Сподели на социјалните мрежи