Импакт-инвестирање и соработка: искуства од конференцијата „Business of Impact“ image

Импакт-инвестирање и соработка: искуства од конференцијата „Business of Impact“

Полни сали, инспиративни разговори, панели и многу чекори низ ридовитиот, преубав Лисабон — вака изгледаше овогодишното патување и учество на конференција „Business of Impact“ во организација на Impact Europe. Македонската делегација во состав Ирина Јаневска (АРНО) и Вера Варџиска (Сава осигурување) беше дел од овие важни европски процеси, споделувајќи ги локалните искуства и поврзувајќи се со водечки европски фондации, корпорации и импакт-фондови. Ова патување и студиските активности беа дел од регионалниот проект „Инвестираме во промени“ (Invest for Change), кој е посветен на развојот на социјалното претприемништво и импакт-екосистемот на Западен Балкан, а е финансиран од Европската Унија.

Активностите започнаа еден ден пред конференцијата, на 14 септември, со специјална студиска посета на португалскиот импакт-екосистем во организација на Maze Foundation и Ageas Foundation. Посетата понуди практични увиди во тоа како филантропскиот капитал, импакт-инвестициите и меѓусекторските партнерства можат да ги зајакнат екосистемите за социјални иновации. Учесниците слушнаа директни искуства од фондациите, како и од инспиративни импакт-претпријатија кои го менуваат светот преку дела:

  • Cycling Without Age = иницијатива која преку специјални велосипеди им овозможува на постарите лица бесплатен превоз и секојдневен контакт со природата и заедницата како борба против осаменоста.
  • Ubbu = современа едукативна платформа за деца која ги менува стандардите во образованието преку учење вештини за иднината.

Самата конференција (15-16 септември) се одржа во живописниот историски центар на Лисабон (Largo Trindade Coelho, во просториите на Brotéria, музејот Casa Ásia и Santa Casa da Misericórdia), движејќи се низ три главни тематски правци:

  1. Првиот правец беше „отклучување“ на соработката (Unblocking Collaboration), односно како да се надминат бариерите и да се воспостават продуктивни партнерства меѓу различните сектори. Работилниците покажаа дека поединечните компании не можат сами да ги решат системските предизвици без заеднички алатки и усогласени вредносни синџири.
  2. Вториот правец се фокусираше на праведната енергетска транзиција (Just Energy Transition), односно длабока анализа за тоа како декларативните обврски да се претопат во пракса, усогласувајќи ги инвестициите, технологијата и луѓето за стабилна иднина.
  3. Третиот правец беше импакт-инфраструктурата (Impact Infrastructure), која опфаќа поврзување на луѓето со податоци и платформи, при што настанот беше и одлична можност за запознавање со дигиталните решенија, како што е платформата SIAE за следење на социјалните инвестиции низ Европа, која веќе е и официјално достапна за употреба на https://siae.impacteurope.net/.

Низ презентираните податоци се истакна силата на заедницата на Impact Europe, мрежа која обединува широк спектар на чинители — од фондации кои инвестираат каталитички капитал, преку корпорации кои вметнуваат импакт во глобалните синџири на снабдување, па сè до импакт-фондови и институции. Глобалниот фокус на оваа мрежа мониторира над 100 милијарди евра социјални капитални текови во 160 земји, при што околу 80% од капиталот е распореден во Европа. АРНО стана членка на Impact Europe благодарение на проектот „Инвестираме во промени“ и со радост гледа на сите идни вмрежувања и вакви годишни настани каде и Македонија има шанса да присуствува.

За АРНО и Сава осигурување, присуството на настан од овој размер и со оваа тема, е потврда дека локалните чекори и иницијативи се дел од една многу поширока, европска визија за праведни и одржливи промени.

Веруваме дека вистинските трансформации се случуваат само кога граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата работат здружено, со визија и професионалност, продолжувајќи да учат и да креираат вредни партнерства. Во рамките на проектот, преку различните активности, АРНО има цел сè повеќе да го анимира приватниот сектор за поддршка на развојот на импакт-претприемништвото.

 

Сподели на социјалните мрежи