CEE4Impact Day во Будимпешта: Зајакнување на регионалниот екосистем за импакт инвестирање image

CEE4Impact Day во Будимпешта: Зајакнување на регионалниот екосистем за импакт инвестирање

АРНО учествуваше на CEE4Impact Day 2025, што се одржа на 9 октомври во Будимпешта, како дел од проектот Инвестираме во промени (Invest for Change). Препознавајќи ја важноста на соработката, АРНО покани неколку клучни македонски чинители — Пакомак (Сара Петрова), Инова (Марија Јаневска), Македонија 2025 (Бојана Киселоски) и Македонска развојна фондација за претпријатија во Македонија (Лазар Неданоски) — да се придружат на посетата и лично да видат како импакт инвестирањето ја обликува иднината на регионот. Настанот собра стотици промотори на промени — социјални претприемачи,  инвеститори и креатори на политики — заедно да истражуваат нови начини за користење на финансиите за општествено добро, да споделуваат успешни приказни и да градат значајни партнерства.

Агендата на настанот вклучи презентации на импакт бизниси, инспиративни дискусии и панел-сесии со водечки регионални и европски експерти. Утрото беше посветено на успешни приказни од областа на импакт претприемништвото, при што млади претприемачи од Унгарија, Романија и Австрија ги претставија своите идеи во динамичниот формат „Pitching & Grilling“. Програмата продолжи со претставување на проектите Invest for Change и Impact Seed Project од Impact Europe, проследено со излагања од Европската инвестициска банка (EIB) и инспиративни говори за иднината на импакт инвестирањето и филантропијата.

Попладневниот дел беше посветен на тоа како семејствата и поединците со висока нето-вредност ја обликуваат следната генерација на импакт инвеститори. Истиот ден имавме можност да слушнеме говор на е на член од семејството Сваровски, и да посетиме сесија за  „reverse pitching“ со врвни регионални импакт фондови како Feelsgood Capital, Catalyst Romania и Impact Ventures. Денот заврши со презентации на инклузивни модели на социјални финансии од Erste Group и разговори за напорите за обнова во Украина, потенцирајќи ја трансформативната моќ на партнерствата и иновациите.

„Ова е нов речник за нас — стратегиите за излез на социјалните претпријатија се навистина нови пристапи за размислување,“ рече Ирина Јаневска од АРНО. „Подготвени сме да ги ‘одучиме’ старите и да научиме нови пристапи кои можат да ги зајакнат нашите локални социјални и зелени — или, како што сега ги нарекуваме, импакт — претпријатија. Инспиративно е да се види поголемата слика и да се поврзе со нашето искуство. Со колешките од Партнерс Албанија  дури се пошегувавме дека презентациите изгледаа исто како оние од нашиот регионален натпревар „Зелени идеи“, само што бараа многу поголеми фондови. Ова е нов пат за нас, но не сме сами — ги поканивме македонските чинители да чекориме заедно напред, со силна поддршка од Impact Europe и целиот проектен тим.“

Учеството на АРНО на овој регионален собир претставува уште еден важен чекор во нашата мисија за јакнење на социјалното претпримеништво и развојот на импакт инвестициската сцена во Македонија и Западен Балкан.

Посетата се реализираше во рамки на проектот Инвестираме во промени (2025–2030) — пионерска иницијатива финансирана од Европската Унија. Проектот има за цел да развие поповолна средина за социјално претприемништво во Западен Балкан преку подобрување на пристапот до финансии, вклучување на релевантни чинители и инвеститори и унапредување на политиките во оваа област. Проектот го координира Impact Europe, а се спроведува во партнерство со АРНО (Македонија), Partners Albania (Албанија), Smart Kolektiv (Србија), Foundation 787 (Босна и Херцеговина). ADP-Zid (Црна Гора) и ICK (Косово).

Сподели на социјалните мрежи