Форум во Скопје: Младите дебатираа за економска демократија и работничка сопственост image

Форум во Скопје: Младите дебатираа за економска демократија и работничка сопственост

На 19 јуни 2025 година, во Europe House Skopje, се одржа Младинскиот форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените, како завршна активност во рамки на Еразмус+ проектот Shaping the Future of Work: Youth Workplace Democracy for Social Change (SWAYED). Форумот беше организиран од АРНО и Институтот за економска демократија од Словенија.

Форумот ги отвори прашањата за иднината на трудот и можноста младите да влијаат врз корпоративната култура преку модели на економска демократија, како што е ESOP – модел на сопственост од страна на вработените. На самиот почеток на форумот Брин Каплан од Институт за економска демократија (Словенија) даде краток осврт на ESOP моделот, економска демократија и сопственост од страна на вработените. Преку два тематски панела и една интерактивна работилница, се анализираа предизвиците и потенцијалите на овие алтернативни пристапи, а особено се истакна можноста тие да послужат како одржливи решенија за социо-економските проблеми со кои се соочуваат младите денес.

Првиот панел се фокусираше на темата „Корпоративна култура, младински талент и бизнис наследство – предизвици или можности за компаниите од Македонија и Словенија“, на кој говорници беа Себастјан Пикл – Институт за економска демократија (Словенија); Дурим Зекири – Стопанска комора на Северо-Западна Македонија (Македонија); Проф. Димитар Јовевски – Економски Факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Македонија) и Александра Шолдова Спасовска – Women In Tech Macedonia (Македонија).

Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија, кој беше говорник во панелот истакна:

„Работничкото ко-сопствеништво не е утопија, туку реалност која успешно функционира во развиените економии. Во САД, преку ESOP модели, над 14,7 милиони работници се ко-сопственици, додека во Обединетото Кралство постојат речиси 2.000 компании со ваква структура. Словенија наскоро ќе го усвои Законот за работнички сопственички задруги, кој ќе го олесни преносот на сопственоста во малите и средни претпријатија, особено во услови на наследствена криза – 40% од сопствениците ќе пренесуваат сопственост во следните десет години, а 66% немаат наследствен план. Горд сум што го носиме ова искуство во Скопје и заедно со АРНО отвораме нов простор за идеи за иднината на трудот и сопственоста.“

„Во регионот, кога зборуваме за социјално претприемништво, најчесто се фокусираме на реинвестицијата на профитот, но многу малку зборуваме за тоа кој управува и носи одлуки, а тој дел на управувањето е всушност и самиот показател на инклузивноста на бизнис моделите на социјалните претпријатија.  Со овој проект, АРНО сака да ја отвори и таа тема и да им помогне на социјалните претпријатија да изградат фер и одржливи управувачки структури. Во моментов моделот кај нас најмногу ги привлече ИТ стартапите, кои се поотворени за иновации во управувањето и фер и правичен третман на своите вработени. Често среќаваме стартапи основани од пријатели и колеги кои сакаат да имаат хоризонтална структура која е демократска и фер за сите и е одраз на корпоративната култура. Но покрај инклузијата и демократијата, ESOP моделите носат и поголема продуктивност, отпорност и раст на самите компании и стануваат сe популарни во компаниите ширум светот. Интересно е да се спомене дека во неодамнешните светски кризи и Ковид-19 пандемијата ESOP компаниите покажаа најдобри резултати и ги задржаа своите вработени покрај сите предизвици.“, вели Марјан Ицоски од АРНО. 

Вториот панел, со наслов „Сопственост од страна на вработените и економската демократија како одржливо решение за социо-економските предизвици на 21-от век“, го претстави ESOP моделот како конкретен пример за создавање пофер, инклузивни и демократски работни практики. На вториот панел говореа Нејц Шкоберне – Институт за економска демократија (Словенија); Проф. Здравко Савески – Институт за општествени и хуманистички науки (Македонија); Дејан Алексов – Адвокатско друштво Алексов & Мемиши (Македонија); Моника Зајкова – Пратеничка, Либерална партија (Македонија) и Александра Лопарска-Илоска – Паблик (членка на DIESIS) (Македонија).

Во рамки на форумот, учесниците имаа можност да учествуваат и во интерактивна работилница која ја водеа Теја Сапач и Маша Петрович од Институт за економска демократија (Словенија), каде преку тимска работа и студии на случај, ги применуваа новостекнатите знаења на реални предизвици од светот на трудот, сопственоста и колективното одлучување.

Форумот беше и можност за вмрежување и размена на идеи меѓу млади луѓе, претставници од академијата, граѓанското општество и бизнисот. Преку активна дискусија и конкретни студии на случај, учесниците добија увид во тоа како демократските економски модели можат да создадат поправедни, поинклузивни и одржливи работни места.


Проектот „Обликување на иднината на трудот: младинска демократска работна средина за општествени промени“ е имплементиран од Институтот за економска демократија – Словенија (координатор) и Здружението за социјални иновации „АРНО“ – Северна Македонија. Проектот е финансиран од Програмата Еразмус+ на Европската Унија. Преку овој проект се развиваат различни активности и ресурси за промовирање на модели на сопственост на вработените, демократско управување и социјални иновации, овозможувајќи им на младите активно да учествуваат во обликувањето на иднината.

 

Сподели на социјалните мрежи