
Едукативни игри и инклузивна радио емисија– победнички идеи на RISE
На 7-ми март, АРНО ги додели наградите за последната генерација на млади социјални претприемачи од проектот RISE. Настанот се одржа во Европската куќа во Скопје и собра на едно место многу поддржувачи на социјалното претприемнишво. Жири комисијата за победници ги прогласи „Хоризонт“ – платформа за едукација и забава со мултимедијални курсеви и игри, достапна и за деца од семејства со помалку можности (преку субвенциониран пристап) и „Инклузивни гласови“ – радио емисија што ги раскажува приказните и искуствата на лицата со попречености. Преку RISE програмата наградените тимови добиваат финансиска поддршка од 3000 евра, дополнителни обуки, менторство и регионално вмрежување. И во ова издание проектот RISE додели награда за регионална мобилност, во вредност од 500 евра, за трет тим- „Отворено ателје“ – инклузивен простор што нуди креативни работилници за лица над 60 години, со цел да се намали нивната социјална исклученост.
„Денес сме среќни што проектот после 6 години можеме да го наречеме програма, и тоа успешна програма, низ која поминаа 5 генерации на млади социјални претприемачи. За АРНО програмата значеше утврдување на еден модерен курикулум кој го обновувавме со знаење и содржини, регионална соработка со другите инкубатори, куп идеи на охрабрени млади кои си ја сакаат земјата и сакаат да направат нешто добро за неа, и една голема АЛУМНИ заедница на сите тимови, индивидуалци, па и ментори и предавачи кои ни се приклучија низ годините. Бараме начин оваа програма да продолжи и бараме начин социјално претприемништво да е што погоре во агендите на владите. “ – изјави Стефани Пренкова, координаторка на проектот во АРНО.
На завршниот настан свечено се обрати и претставничката на Француската амбасада во Скопје – Ирене Кетоф, а во име на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), Владимир Ѓорѓевски – директор на локалната канцеларија упати “RYCO ќе продолжи да поддржува програми и активности кои ги зближуваат младите, ги градат нивните капацитети и креираат позитивни општествени промени на локално и регионално ниво.”.
Одлуката за победниците ја донесе независното експертско жири составено од Владимир Петковски – соработник за социјално претприемништво/Економски институт, Марина Пешовска – соработничка за социјално претприемништво/СУГС Раде Јовчевски Корчагин, Владимир Ѓорѓевски – Канцеларијата за регионална младинска соработка (РИКО), Блерина Зендели – SEEU Tech Park, Универзитет на Југоисточна Европа и Билјана Филиповска – Здружение за креативна одржливост Wild Iris. Менторска и експертска поддршка за петтата RISE генерација на млади социјални претприемачи дадоа: Христијан Волкановски, Сузана Трајковска Кочовска, Сања Стојковска, Бојан Кордалов, Катарина Герогиевска, Даниел Стојановски, Никица Кусиникова, Барбара Садовска, Слободан Левковски и Диана Бошковска.
Во последното RISE патешествие учествуваа седум тимови со силна мисија: Green Graphene (трансформирање на отпад од кафе во графен), Mindful Young Leaders (зајакнување на младите преку лидерство и свесност), Open Atelier (креативни работилници за возрасни лица), Horizon (платформа за интерактивно учење за деца), Inclusive Voices (радио емисија за раскажување на приказните и искуствата на лицата со попреченост), Raat Mesto (еко-туризам кој ја спојува културата и природата) и Ruvo (втора шанса на парчиња облека).
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс и Француско-германската канцеларија за млади, а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД), Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус+ програмата на Европската Унија. АРНО е гордо што беше избрано за локален инкубатор и национална структура која го спроведува 6 годишниот проект заедно со партнерите од регионот.