Вклучете се и видете каде припаѓате! – порака до младите од Ирина за Денот на волонтерството
Меѓународниот ден на волонтерството се одбележува на 05 декември, а по тој повод здружението „Младите можат“ од просториите на „Млади Хаб“ одржаа онлајн настан „Кажи! Верувај! Активирај се!“ со пренос во живо. На овој настан своите стории со присутните ги споделија двајца говорници. Никола Јовановски, член на управниот одбор на „Младите можат“, кој зборуваше за неговото прво волонтерско искуство и предизвиците со кои тој и неговиот тим се соочиле, но и совладале, и претседателката на АРНО, Ирина Јаневска која зборуваше за одржливоста на волонтерските активности и можности.
Нашата Ирина зборуваше за цврстата врска помеѓу социјалното претприемништво и одржливоста на волонтерските иницијативи. Меѓу другото, Ирина вели: „Она што е важно кога зборуваме за одржливост е да знаеме дека немаме неограничени ресурси и дека најновите концепти, оние што треба да ги провоцираат младите, не зборуваат за раст туку за „од-раст“… со оваа тема на граѓанскиот сектор му се нуди нова можност, нешто што младите можат да го препознаат…“. Таа во своето излагање наведува дека можност за одржливост граѓанските организации можат да најдат во продажбата на услуги и добра за финансирање на нивните мисии и унапредување на нивните вештини. Како пример за еден ваков концепт, Ирина се сеќава на почетоците на АРНО кога заедно со Младите Можат преку проектот „Младинска кујна“ во чии рамки биле понудени часови за готвење од познати готвачи со цел да се собере профит кој ќе може, откако ќе заврши проектот, да се искористи за финансирање на учениците готвачи од училиштето кои имаат помалку можности за купување на опрема, надградба, изработка на CV и слично, со цел нивна полесна транзција кон пазарот на труд. Меѓу успешните примери ги споделува Funky Guerilla и War Childhood Museum од Босна кои веќе некое време работат на овој принцип.
На онлајн настанот учесниците кои веќе порачале нешто од креативните производи имаа можност и директно да учествуваат и да се запознаат со персонализираната изработка на нивниот производ.