Од Скопје до Сараево: октомвриското патешествие на АРНО низ импакт економијата image

Од Скопје до Сараево: октомвриското патешествие на АРНО низ импакт економијата

Октомври 2026-та година го одбележавме како месец на регионална соработка. Во текот на само една недела, АРНО ја промовираше мисијата за социјални иновации и импакт инвестиции на два значајни настани: бевме учесници и гости со промотивен штанд за проектот Инвестираме во промени на Startup Revolution AI Самитот во Скопје (1–4 октомври) и веднаш потоа заминавме како македонска делегација на Самитот на бизнис ангели (Bussines Angels Summit- BAS26) во Сараево (7–9 октомври).

Промоција на импакт претприемништво во Скопје

Како гости на големиот Startup Revolution AI Самит во Скопје — кој обедини над 2.000 учесници, 100 говорници и 400 стартапи во Македонската филхармонија — АРНО постави еднодневен промотивен штанд посветен на проектот Инвестираме во промени (Invest for Change). Овој настан беше одлична можност да се поврзат разговорите за технологија и претприемништво со вредностите на зелениот раст, општествениот импакт и инклузивните бизнис-модели.

Учеството на овој настан го овозможија нашите драги колеги од Startup Club Skopje, кои ни обезбедија бесплатни билети и се погрижија да бидеме таму каде што треба, одблизу сведочејќи за растот на стартапите, инвеститорската заедница, следејќи излагања и дискусии на најактуелни теми.

Мисијата во Сараево: Од грантови до бизниси подготвени за инвестиции

Од Скопје, динамиката и работната недела се пресели во Босна и Херцеговина на петтиот Самит на бизнис ангели (BAS26) во Илиџа, во организација на нашиот проектен партнер Фондација 787. Во Сараево, присуството на АРНО беше директно и суштинско. Нашата делегација во состав: Ирина Јаневска и Катерина Панова Матоска од АРНО, ги здружи силите со клучни македонски екосистемски лидери — Гого Рајфајловски и Силвија Гелевски од Zephyr Angels, Илија Вучков од ЕМКИЦЕ и Ана Секуловска од Startup Club Skopje.

Фокус на „Утринската сесија за импакт“ (Impact Morning)

Посебен белег на BAS26 беше Утринска сесија за импакт на 9 октомври, модерирана од Мартејн Блом од Impact Europe. Сесијата се осврна на клучен предизвик во Западен Балкан: ограничувањата на малите домашни пазари каде што компаниите тешко се развиваат без надворешна финансиска поддршка.

На панел дискусијата учествуваат меѓународни и регионални експерти, меѓу кои Жустин Палермо од Inpulse, Ерик Асмар од happy smala & Smala Impact Finance, Микаел Хиетала од Feelsgood Capital Partners и Вања Ширбеговиќ од Erste Social Finance Holding. Нивната заедничка порака беше јасна — ерата на грантови што се користат само за преживување брзо завршува (и се ближи крајот). Како што покажува и истражувањето на Impact Europe, Мапирање на екосистемот на импакт, премногу импакт (социјални) претпријатија досега зависеле од микро-буџети и грантови. Заклучокот беше дека иднината лежи во преминот кон финансиски одржливи социјални претпријатија кои носат и профит и мерливо општествено добро.

Улогата на Invest for Change

Токму таков премин е суштината на четиригодишната програма Invest for Change (2025–2029). Со поддршка од Европската Унија и предводена од Impact Europe, оваа иницијатива ги поврзува локалните партнери од Западен Балкан со цел да изградат цврсти мостови меѓу иноваторите, импакт фондовите и мрежите на ангели-инвеститори.

Без разлика дали разговара на промотивниот штанд во Скопје или дискутира лице в лице со регионални инвеститори во Сараево, АРНО останува посветено на зајакнувањето на социјалната економија. Надоврзувајќи се на овој моментум, следен голем чекор на нашиот пат е добивање на официјалната лиценца за организирање на Impact for Breakfast во Скопје — со идеја да создадеме локален простор и платфрома каде инвеститорите, донаторите, поддржувачите и социјалните претпријатија ќе седнат на иста маса и ќе соработуваат разговарајќи, редовно, а не само од настан на настан и од проект до проект. 

Сподели на социјалните мрежи