Резултатите од проектот GREASE презентирани на Слоу Фуд Салон 2025 image

Резултатите од проектот GREASE презентирани на Слоу Фуд Салон 2025

На 13 декември 2025 година, АРНО учествуваше на 4-тото издание на Слоу Фуд Салон 2025, кое се одржа во хотел „Континентал“, со промотивен штанд посветен на резултатите од проектот GREASE. Фокусот на нашето присуство беше споделување на конкретните алатки, прирачници и искуства развиени во рамки на проектот, како и отворање разговор за руралното претприемништво и социјалната економија.

Како што најавија организаторите, годинашното издание на Слоу Фуд Салон беше посветено на истражување на подлабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирано од мислата на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“. Настанот беше замислен како повик за промена – од модел на трошење кон регенеративен пристап што ја обновува и почитува земјата, водата и екосистемот. Во рамки на салонот беа претставени локални и регионални производители од цела Македонија, а програмата опфати саем на мали производители и пијалаци, тематски форуми, презентации на фарми и маслинарство, едукативни активности за деца, мастер-класови и простор за вмрежување на организации и иницијативи поврзани со храната.

Во рамки на штандот на АРНО организиравме неформални едукативни активности – презентации, игри и прашања поврзани со социјалната економија, руралниот развој и искуствата од проектот – кои поттикнаа разговори и интерес, особено кај младите посетители. Преку едукативна игра со картички (flash cards), учесниците одговараа на прашања поврзани со содржините од проектот GREASE: што е социјалната економија, што се кооперативи, што значи компостирање, кои вештини им се потребни на руралните жени претприемачки и зошто тие се важни. Секој точен одговор беше награден со чоколадце и чаша топло какао од Африка.

Во духот на тимска работа и натпревар, организиравме и бинго-игра со прашања од слични тематски области. Учесниците со брзи и точни одговори се натпреваруваа за награди: прво место – пакет какао од Africa Closer, второ место – термос, и трето место – престилка за готвење (еко-подароци кои сами по себе носат пораки). .

Посетителите имаа можност директно да се запознаат со прирачниците и алатките развиени во рамки на проектот GREASE. Преку QR-кодови тие можеа да пристапат до содржините, а дел од нив оставија и контакт мејл адреса за понатамошна комуникација.

Присуството на Слоу Фуд Салон 2025 ни овозможи резултатите од проектот да ги ставиме во поширок контекст – храна, природа, локално производство и луѓе. На нашиот штанд дојдоа зелени бизнис идеи како Душица од еко фармата „Беровко“ и Давид од „Кози млеко планина“, сопственици на импакт бизниси и циркуларни еко фарми кои зборуваа за компостирање додека одговараа на прашањата и ги едуцираа присутните. Нè посети професор од Економскиот факултет во Прилеп кој изрази интерес да нè покани да зборуваме за проектот пред студентите, колеги кои испорачуваат обуки за зелено социјално претприемништво, како и млади луѓе кои првпат слушаа за кооперативи, иако на Балканот тие постојат како задруги уште од претходниот политички систем. На штандот дојдоа и бројни локални производители и еко-активисти кои се интересираа за различните аспекти на проектот и за тоа како производството на храна може да биде добро и за луѓето, за економијата и за природата.

Сподели на социјалните мрежи