SEED состанок за евалуација „Што сме посадиле-тоа ќе никне”
На 25-ти и 26 -ти август во средното училиште „Прва Сушачка Гимназија“ – во Ријека, Хрватска се одржа завршниот состанок за проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјално претприемништво“. На состанокот учествуваа 13 учесници од сите партнери во проектот. На оваа средба АРНО (координатор) и партнерите (средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“-С. Македонија, „Прва Сушачка Гимназија“ – Хрватска, гимназија „Лиздеикос“ – Литванија и здружението „Go Green “ – Белгија) ги презентираа спроведените активности, најголеми успеси, најголеми предизвици и научени лекции.
Во рамки на дискусиите партнерите ги споделија позитивните промени и знаења кои овој проект им го донесе на учениците и професорите кои беа дел од него:
„Како дел од нашите алумни клуб активности ја посетивме пицеријата „Маслина” на „Зеленoм тргу”. Тоа е многу популарно место благодарение на одличната храна и атмосфера. Сопственик е нашиот алумни (поранешен ученик) Горан Џида чиј син е четврта година во Прва Сушачка Гимназија. Кога дојдовме, Ана и Горан ни објаснија како дел од цената од нивното мени оди за невладината организација „Moje mjesto pod suncem” (Мое место под сонцето) која обезбедува различни услуги и активности за сиромашните деца.
Беше апсолутно важно нашите ученици да видат колку Ана и Горан Џида се лично вклучени во водење на оваа програма, колку се грижат за нивниот придонес во општеството. Тие зборуваа толку страсно и не’ ангажираа сите нас во нивниот емотивен пристап. Беше клучно за нашите ученици да видат дека вистинскиот социјален претприемач делува со сочувство и грижа. Со други зборови – љубов кон сите луѓе – филантропија.” изјави Сања Падавиќ професорка во „Прва Сушачка Гимназија“
“Проектот беше уникатно искуство од многу гледишта. Учениците кои беа дел од обуката имаа шанса да научат за социјалното претприемништво од многу вешти и инспиративни говорници, но исто така имаа привилегија да ги практикуваат своите знаења и нови вештини во текот на обуката и училишните активности. И овој процес на учење не завршува со завршувањето на обуката, туку тие учествуваа и на настани и натпревари каде што ги користат своите вештини и освојуваат награди и пофалби од членовите на светот на претприемништвото. Дополнително, веќе ја имаме првата успешна SEED приказна од нашата ученичка Милијана, која беше дел од обуката, инспирирана и охрабрена од знаењето стекнато за време на обуката да го напише своето мотивациско писмо со кое доби стипендија во престижно средно училиште во Сингапур каде што таа сега ќе ги продолжи студиите, но и социјалниот претприемнички дух во една нова култура. Корчагин како тим се надева дека овој тренд на позитивни исходи и раст ќе продолжи само со активностите со кои студентите се впуштаат во наредниот период.” – изјави Марина Пешовска професорка во „Раде Јовчевски Корчагин“
Во рамки на оваа посета тимот на АРНО го посети и Риперај. Риперај е место каде граѓаните можат бесплатно да поправаат неисправни мали апарати за домаќинство, скршен и оштетен мебел, облека, играчки и слично со помош на занаетчии кои ги поседуваат потребните знаења и вештини. Риперај е прв ваков проект во Република Хрватска. Нашиот тим имаше можност да го посети ова место пред 3 години преку друг проект и пријатно се изненади кога повторно имаше можност да го посети и да се увери дека притоа истoто место работи со полна пареа.
„Ваквите студиски посети од Еразмус проектите навистина нудат многу можности и придобивки да се видат и научат многу работи. Риперај ми остави посебен впечаток бидејќи за прв пат имав можност да видам вакво место каде луѓето можат да си ги поправата апаратите, да си надополнат средства за хигиена без амбалажа. Во истото и притоа иматеместо има и занаетчии кои се тука да ви помогнат доколку е потребна помош. Се надевам дека ваков тип на проект/иницијатива ќе има и во други градови, па и кај нас.“– изјави Симона Славкова, проектен асистент во АРНО.
Главната цел на SEED проектот беше да го доближи уште поблиску претприемничкото образование до учениците преку нудење на знаења и вештини за новиот бизнис модел на социјални претпријатија како дел од училишниот предмет „Претприемништво“, кој се предава во 3-те училишта. Во рамки на проектот учениците беа дел од неколку обуки, настани и имаа шанси помеѓу сите активности и на локално ниво да се запознаваат и со практичните аспекти на социјалното претприемништво. Повеќе информации за проектот можат да се најдат на веб страницата на проектот https://www.seed-project.net/, а подолу можете да погледнете неколку фотографии од состанокот во Ријека.
По завршување на проектот партнерите ќе продолжат посветено да работат на зајакнување на младите луѓе со соодветни вештини за социјална економија. Сите партнери се согласуваат да работат заедно токму на оваа тема, со иновативни пристапи и да поднесат нова апликација на некој од следните еразмус повици.
Проектот SEED се спроведуваше во периодот 2020-2022 година, со финасиска подршка од Европската Комисија во рамки на програмата Еразмус +.