Oдржана онлајн конференција од проектот “Паркури за иднината” – професии и вештини за иднината
На 17 октомври, Гете Институтот од Брисел, мрежата StartNet Европа и партнерите од проектот “Паркури за иднината” ја организираа онлајн конференцијата “Идниот пазар на труд и предизвиците во стручното образование и обука во Европа”.
Зошто стручното образование и обука треба да развива #зелени и #дигитални вештини кај младите беше главното прашање oколу кое се одвиваше дискусијата.
На конференцијата се презентираа првичните наоди од проектот за новите работни места во наредните 10 години, за дигиталната и зелена транзиција и за перспективите на младите од партнерските земји на проектот Германија, Италија, С. Македонија и Романија и Европа. Говорниците ги нагласија вештините за иднината: зелени вештини и вештини за климатска заштита, дигитални вештини, родова сензитивност и граѓанско образование. Тие споделија податоци, искуства и предлози до публиката преку кои може активно да земат учество и да ги искористат сегашните можности за задоволување на потребите за образование и граѓанско учество.
Алис Барбиери од ALFA Liguria (Италија) сподели интересни размислувања за родовите перспективи, укажувајќи дека клучен чекор кон родовата еднаквост е борбата со родови стереотипи во професии и вештини (како лидерство) во училиштата, семејството и бизнисот.
Јоанна Напиерала од Cedefop ги презентира последните податоци за дигитализација во Европа, расправајќи за растечкиот тренд на дигитални вештини во брзорастечкиот технолошки напредок, не само во ИКТ секторот, него и во професионалните области почнувајќи од образованието, администрацијата, здравствени услуги, социјална работа и многу други. Податоците може да се најдат во студијата на Cedefop достапна на следниот линк.
Уммухан Бардак од European Training Foundation, ги претстави најактуелните седум глобални трендови за иднината на професиите и работата, последиците од социјалните предизвици на 21 век и како да се справиме со нив. Потребни се промени во концептот на обуките и подобрување на квалитетот на вештините кои се обезбедуваат. Јасна препорака од ова излагање беше да се уклучат зелени (и меки) вештини во образованието од најрана возраст, односно основно образование.
Панелот заврши со излагањето на Магдалена Липовац од The Civics Innovation Hub, Znanje Na Djelu/Wissen am Werk (Хрватска) која зборуваше повеќе за меѓуповрзаноста помеѓу свесните одлуки за кариера и граѓанското учество, концепт што пошироко ги вклучува и медиумската писменост, дигиталната безбедност, лидерството и одржливото размислување во секојдневните одлуки на луѓето.
Публиката имаше и можност интерактивно да учествува во настанот преку онлајн истражување за трендовите на пазарот на трудот во нивниот национален контекст и со прашања до експертите за подобрување на образованието и кариерното насочување за подобра подготовка на младите за идниот пазар на труд.
Целосната конференција може да ја погледнете на Youtube.
Сите презентирани материјали се достапни подолу како прилог.