Обука во Италија за професори и социјално претприемништво image

Обука во Италија за професори и социјално претприемништво

Од 30 март до 05 април во Амалфи, Италија се одржа обука „ Изработка на рамка за компетенции за професори за социјално претприемништво“ од проектот „Пакет алатки за професори 2.“ Марјан Ицоски и Катерина Панова Матоска од АРНО учествуваа на обуката заедно со експерти за образование од  С. Македонија и претставници од проектните партнери СУГС „Раде Јовчески – Корчагин” од Македонија, Институт за вишо средно образование „Marini-Gioia” од Италија и Асоцијацијата „Scoala De Valori” од Романија. Обуката беше водена од едукатори од училиштето “UAB School of Education”, лидер во трансформацијата кон образование базирано на вештини во Литванија.

Учесниците беа топло пречекани од партнерот- Институт за вишо средно образование „Marini-Gioia” и градоначалникот на општината Амалфи. Обуката се реализираше на неколку локации во регионот: општинските згради во Мајори и Амалфи и градската библиотека во Амалфи. Во оваа прилика учесниците имаа можност поблиску да се запознаат  со работата и улогата на општините во образовниот систем и поддршката на претприемачкото образование и локалното претприемништво. 

Обуката беше можност партнерите подобро да се запознаат со компетенциите за професори и едукатори на европско ниво и да споделат искуства за претприемачкото образование и образовни програми во своите држави. Обучувачите ги водеа учесниците низ процесот на откривање и дефинирање на основните компетенции кои секој професор за социјално претприемништво треба да ги поседува. На обуката се постави и методологијата и структурата за изработка на прирачникот за компетенции за професори на кој партнерите ќе работат во наредниот период. Исто така, партнерите „Scoala De Valori” од Романија ги претставија платформите за дигитални компетенции за едукатори и школи на Европската Унија, DigiCompEdu и Selfie за кои ќе следат дополнителни онлајн обуки. 

“Обуката беше одлична прилика да научиме повеќе за комплексна тема како компетенции за професори за социјално претприемништво и да се добиеме подобра претстава за методологијата потребна за изработка на прирачници и други едукативни материјали за подобро образование за социјално претприемништво. Навистина беше задоволство да се работи со едукаторите од “UAB School of Education” кои пренесоа свои искуства и знаења и ни помогнаа подобро да го разбереме образованието базирано на вештини. ” – изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО. 

Наши поддржувачи
Rockefeller European commission UNFPA UNDP Social Impact Award Erasmus RYCO French Developement Agency Национална Агенција за образовни програми и мобилност МК