Потпишан договор за кофинансирање со Министерството за локална самоуправа
Здружението за социјални иновации “АРНО” и Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, официјално потпишаа договор за кофинансирање на проектот “Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија”, кој е финансиран од Европската унија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Србија и Република Северна Македонија (IPA II, 2016-2020).
“Задоволни сме што преку овој проект имаме можност да придонесеме кон развој на едно поинклузивно општество, преку зајакнување на социјалните претпријатија во овој регион и поттикнување на нивна прекугранична соработка. Сигурни сме дека овој регион има многу што да понуди. Затоа целта ќе ни биде да ги зајакнеме капацитетите на овие претпријатија и да ги инспирираме граѓаните да генерираат нови социјални зелени бизниси, со што ќе придонесат кон економски развој на овој регион и вклучување на ранливите групи на граѓани во овие бизниси.”- изјави Ирина Јаневска, Претседателка на “АРНО”
Проектот вклучува активности за промоција на социјалните претпријатија од пограничниот регион, настани за нивно вмрежување, програми за јакнење на нивните капацитети, предвидува награди согласно нивните потреби.
Времетраењето на проектот е 18 месеци и го имплементираат ТРАГ фондација и Асоцијација Оптимист од Република Србија и Здружението за социјални иновации “АРНО” од Северна Македонија.