Дизајнерски шапки од отпаден текстил – тетовски зелен бизнис победник на „Зелени идеи од Балканот“ image

Дизајнерски шапки од отпаден текстил – тетовски зелен бизнис победник на „Зелени идеи од Балканот“

На 26-ти октомври во Будва, Црна Гора се прогласија победничките зелени идеи од регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“. Во категоријата на зелени бизниси победничка беше македонската идеја „Дизајнерски шапки од текстилен отпад“ на Мирјана Јосифоска од Тетово, која освои 10 000 долари. Останати победници во категоријата за зелени бизниси се: BeBeep, идеја за споделување на превоз (Црна Гора), Задругарство – реупотреба на хартија од кутии од цигари со вклучување на лица со попречености (Србија). Во категоријата ембрионски концепти поддршка од 5000 долари добија: Purteka- мобилна продавничка за комплети за градинарство за деца (Албанија) и Recycling PET Revolution-идеја за собирање и преработка на ПЕТ пластика (Босна и Херцеговина).

„Поголемиот дел од текстилниот отпад доаѓа во помали количини, а за да произведете една шапка потребно е само 30см од материјал, додека за стегач потребено е 5см. Нашите модели се одржливо и етички произведени во Тетово, и се рачно изработени во 3 големини-достапни за секоја глава. Од остатоците од производството на шапките, произведуваме стегачи за коса, скроени со „нула-отпад“ техника на кроење, со што на крајот не останува воопшто отпад. Благодарна сум на регионалната награда и се радувам што имам поддршка да работам на својот сон и да развивам ваков бизнис”- изјави Мирјана Јосифоска.

Оваа година нашата земја настапи и со идејата на Натали Ристовска „ Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање на отпад. Изработени од самохрани мајки; “, и идејата на Благојче Нaјдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“ во ембрионска категорија на идеи.

Натпреварот „Зелени идеи од Балканот“ 12 години по ред го поддржува развојот на зелената социјална економија. По 3-ца натпреварувачи од секоја од земјите презентираат свои концепти со кои се унапредува животната средина, се има општествен импакт и се генерира профит. АРНО е национален организатор на натпреварот од 2015-та година, и како здружение се залага во се поголемо преплетување на 3-те димензии на натпреварот, односно вредносно изедначување и на еколошкиот отисок, и на инклузијата на заедниците, и на пазарна ориентација и економска логика на идеите.

 


„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој 12 години поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји. Здружението за социјални иновации „АРНО“, 9-та година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 95 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за одење пеш (2019) , „Вајс адитив“ зелен бизнис кој произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020), младинското социјално претпријатија „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021) , Ве Дог Фуд (2022) пилотираше „Инсект соба за производство на протеин за исхрана на животни“ и годинава (2023) Мирјана Јософоска со моден бренд кој употребува остатоци од текстил за производство на шапки и модни додатоци.

Наши поддржувачи
Rockefeller European commission UNFPA UNDP Social Impact Award Erasmus RYCO French Developement Agency Национална Агенција за образовни програми и мобилност МК