Од отпад од вино (комиње) до адитив во прехранбена индустрија, биотехнички методи за здрав мед и заштита на феноменот колибарење се победниците на овогодинешниот натпревар „Зелени Идеи“ image

Од отпад од вино (комиње) до адитив во прехранбена индустрија, биотехнички методи за здрав мед и заштита на феноменот колибарење се победниците на овогодинешниот натпревар „Зелени Идеи“

На 2 јуни, Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ кој годинава се одржа во онлајн формат. Жири комисијата на натпреварот ги избра идеите:  „Вајс адитив“ на ВАЈС Груп ДООЕЛ – Скопје,  „Пријатели на пчелите“ на Здружение јадрена група на пчелари од Брегалничкиот регион „Меден Исток“ кои ќе се натпреваруваат за поддршка од 10 000 долари, и  „Заштита на феноменот колибарање во   и промовирање на традиционалните Малешевски специјалитети“ на Душица Крстеска од Берово, која ќе се натпреварува за поддршка од 5000 долари на регионалниот натпревар.

За националните победници „АРНО“ и годинава обезбеди поддршка од партнерите: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, за првопласираната „Вајс адитив“ е обезбедена котизација за учество на меѓународен онлајн настан/обука од Фондот за иновации и технолошки развој, а за прв пат оваа година АРНО на победниците им додели награди, односно 2 вредносни ваучери од 2000 американски долари за првите две зелени идеи и 1500 американски долари за победникот во категоријата зелени концепти. Изненадување за победниците оваа година е наградата од партнерите од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија-бесплатно двегодишно членство во комората.

Годинава, вкупно 15 зелени концепти и идеи се натпреваруваа во  македонското финале, а покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Преработка на отпадни лушпи од јајца во додатоци на исхрана за човечка употреба, Хидропоник систем, Сервис за генерирање и валидирање на електронски билет, Соларна сушара за сушење органски плодови, Blink Delivery, Рурални тестенини, Bank of Trees, Bee varroa killer, Еко студио за масажа, Smart green eco trap, Производство на автохтони сорти винова лоза со примена на in vitro технологија и GREEN VIVO.

Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Маја Кооистра- Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Дриљон Исени од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Влатко Алексовски – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Габриела Мицевска- , Влатко Данилов од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг МКА2000 и Бранислав Марковски од Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР).

„Особено се радувам што оваа година имавме успешно реализиран натпревар и 32 апликации, што е навистина голем број ако се земат предвид околностите и кризата со коронавирусот што ја зафати и нашата земја. Тоа не ги спречи сите оние кои имаат зелени идеи да аплицираат на натпреварот, а како и секоја година конкуренцијата во финалето беше огромна. Им посакуваме упсех на победниците и се надеваме дека и оваа година ќе се вратиме со награди од регионалниот натпревар, со што уште еднаш ќе покажеме дека сме земја која се грижи за зелената и социјалната економија“ –  изјави Ивона Крстевска од АРНО, координатор на проектот „Зелени идеи“.

„Особено ми е чест што веќе втора година учествувам во жири комисијата за натпреварот, сите идеи се прекрасни и би рекол дека сите тиесе нашите шампиони, од проста причина, денес кога сите размислуваат како коронавирусот ќе им наштети на животот или на економијата, тие размислуваат напред, како да се оди понатаму. Сите зелени идеи се победници, а натпреварот е платформа која ние како комора ја поддржуваме“- Дриљон Исени од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија.

„Долго време барав начин и поддршка за мојата идеја, станува збор за производство на комиње, односно отпад кој се создава при производство на вино, а кој иако е многу здрав, полн со антиоксиданси, растителни влакна и витамини, останува неискористен. Мојата компанија разви модел на циркуларна економија и одлучивме овој отпад да го обработиме и преку иновативно технолошки процес да направиме мултифунционален адитив, кој ќе има улога на антиоксиданс, природен обојувач, и растителни влакна кои ќе се користат во производи во прехрамбената индустрија. Верувам дека сите оние кои ќе се нафатат да прават нешто слично ќе придонесат многу за нашата планета и да бидеме позелени. “ – Софија Дацева од „ВАЈС Груп“, победник во категоријата зелени идеи.

„Ние сме јадрена група на пчелари од Брегалничкиот регион, работиме на одржлив начин во производство за пчелни услуги. Тоа значи дека во нашето производство ги избегнуваме сите хемиски средства кои може да влијаат на квалитетот на пчелните производи. Идејата ни е овој начин на пчелно производство да го прошириме во целиот Брегалнички регион и пошироко, на територијата на целата држава.“ – Ванчо Кировски од „Меден исток“, победник во категоријата зелени идеи.

„За мене претставува огромна чест и задоволство мојата зелена идеја да биде избрана од толку многу идеи, а уште поголемо задоволство е што ќе можам да ја претставам на балкански натпревар. Би сакала сите да дознаат за феноменот колибарење, бидејќи во последните години во нашата земја, колибарењето е во стагнација, па дури и во изумирање. Со намалување на сточниот фонд, колибите станаа само напуштени куќарки, кои се распаѓаат се повеќе со секој изминат ден. Нашата цел е промоција на колибарењњето и нудењето на колибата на добронамерните гости за престој и релаксација.“ – Душица Крстеска, победник во категоријата зелени концепти.

Сподели на социјалните мрежи